Фото: Илустрација/Пиксабеј

Министерството за здравство попладнево преку соопштение информираше дека се прават напори да се надминат проблемите со кои се соочуваат лицата со дијабет. На почетокот на следната недела, како што стои во соопштението, здруженијата на дијабетичари повторно ќе бидат повикани на средба.

– Министерството за здравство во целост ги разбира Здруженијата на дијабетичари со кои е во постојан контакт. Апсолутно сме на истата страна во овој случај и даваме максимални напори да ги корегираме пропустите од претходното раководство на Министерството за здравство, кое задоцнило со сите процедури и не ги следело препораките на Комисијата навремено да започне со постапкте. Од првиот ден министерот д-р Фатмир Меџити е во комуникација со Здруженијата и пациентите и транспарентно ги посочи наследените проблеми и причините за пролонгирање на набавките, се вели во соопштението.

Пациентите со дијабет не ја исклучуваат можноста за тужби против Министерството за здравство затоа што подолг временски период се оставени без терапија.

– Прво ќе поднесеме претставки до Министерството за здравство. Сите што добиле од специјалист извештај за инсулин, за ленти, за глукомери и за антидијабетна терапија преку адвокат претставките ќе ги достават до Министерството. Доколку Министерството не одговори со позитивен одговор, ќе тужиме, изјави Димче Велев, претседател на Сојузот на здруженија на дијабетичари за телевизија Сител.

Од Министерството за здравство апелираат на воздржаност и разбирање.

– Тужби не се решение ниту има потреба од нив затоа што Министерството е партнер со здруженијата, но ако тие веќе решиле да тужат, тоа треба да биде насочено кон претходното раководство кое ги создаде проблемите кои денес Министерството се обидува да ги надмине. Уште еднаш апелираме за воздржаност и разбирање, бидејќи се прави апсолутно се што е во моќ на Министерството, запазувајќи ги правните процедури и рокови од кои едноставно не можеме да отстапиме, велат од Министерството за здравство.