Во текот на денешниот ден во координација со сите надлежни субјекти кои учествуваат во гасењето на пожарите, Армијата со повеќе од 100 директно ангажирани припадници од 2. Пешадиски баталјон учествуваше во гасење на пожарите на неколку локации во поширокиот реон на Серта.
– Групата која во текот на вчерашниот ден се вклучи во ставање под контрола на пожарот во Радовишко, на локацијата Пореката, денеска продолжи на истиот реон, додека останатите групи се ангажирани во реонот селата Драгоево и Штракалево кон полигонот Криволак и потегот од Пепелиште кон Серта – соопштија од Генералштабот на Армијата.
Во гасењето од воздух, двата хеликоптери од воздухопловниот ВИНГ извршиле 14 летови и исфрлија 28 тони вода. Воедно, преку оперативниот центар, се наведува во соопштението, припадниците на воздухопловниот ВИНГ помагаат во координирање на летачките активности на хеликоптерите од Турција, Словенија, Србија и Црна Гора.
Како превентивна мерка, формирана е екипа во состојба на готовност која доколку има потреба за ангажирање во реонот на Армискиот Полигон Криволак навремено ќе се вклучи во гасење на пожарите.