Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска на брифинг со новинари информираше за процесот на модернизација и опремување на Армијата со кој во континуитет се менува ликот на АРМ и се зголемува нејзината борбена готовност.
Зборувајќи за модернизацијата, за која рече дека е од најголем обем во изминатите децении, министерката порача дека станува збор за сеопфатни повеќегодишни проекти со кои стандардите на НАТО се воведуваат и во македонската Армија.
– Една третина од одбранбениот буџет кој годинава изнесува рекордни 275 милиони евра е наменет за модернизација. Тоа е несомнен гарант дека нема да има застој во модернизацијата и дека сето она што било планирано се реализира. Набавуваме оклопни возила од типот на „Ошкош“, дел се веќе пристигнати, дел ќе пристигнат во повеќе наврати. Набавуваме оклопни транспортери „Страјкер“ како и францускиот систем за противвоздушна одбрана за мали височини, „Мистрал 3“. Го потпишавме и договорот за набавка на артилериски системи од сојузничка Турција. Два транспортни хеликоптери на Армијата Ми-8 се во фаза на ремонтирање, во соработка со Чешка. Во предзавршна фаза сме на анализа на набавка на 8 повеќе наменски хеликоптери за што се пристигнати пет понуди од различни земји. Нашата намера е со сите овие набавки да одиме согласно принципот на договор Влада со Влада, како гарант дека овие договори се ослободени од сомнеж по било кој основ, вклучително и сомнежот за корупција – истакна министерката.
На прашањето дали со одлуките за воена помош на Украина се нарушува борбената готовност на Армијата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, истакна дека тој и Генералштабот стојат целосно зад одлуките кои беа предложени на Министерството и донесени од страна на Владата и дека со тие донации на никој начин не се нарушува борбената готовност на Армијата.
– Апсолутно со ништо никогаш не е нарушена борбената готовност на нашата Армија, впрочем се ослободивме од источно вооружување и опрема кое е старо, неперспективно и нефункционално, а од друга страна ја модернизираме Армијата, значително ја подобруваме борбената готовност и интероперабилност со нашите сојузници во НАТО – рече Ѓурчиновски.