Државната комисија за спречување на корупција ги повикува избраните функционери, да ги почитуваат начелата, обврските и забраните утврдени во Уставот на Република Македонија, Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, Законот за пратеници, Законот за собранието и Изборниот Законик.
Преку соопштение по завршување на изборите за пратеници во Собранието на Македонија, ДКСК потсети на неколку уставни начела како што се неспојливоста на функцијата претседател на Владата и министер со вршење на други јавни функции или професии.
Оттаму, тие потсетуваат на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси со кој тие имаат обврска да го почитуваат начелото на интегритет, односно обврската при вршењето на функцијата да внимаваат на евентуален судир на интереси, а при извршувањето на јавните овластувања и должности не смеат да се раководат од лични, семејни, верски, партиски и етнички интереси, ниту од притисоци и ветувања од претпоставениот или од друго лице.
ДКСК потсетува дека избрано или именувано лице за време на траењето на неговиот мандат е должно да ги почитува правилата за неспоивост на функција која ја врши со други функции или дејности утврдени во Уставот и законите.
– Функцијата претседател на Републиката, претседател на Владата на Република Македонија, министер, пратеник, член на совет, градоначалник, судија, јавен обвинител, јавен правобранител, народен правобранител и други функции кои ги избира или именува Собранието на Република Македонија, Владата на Република Македонија или органите на локалната самоуправа се неспојливи една со друга – велат оттаму.
Дополнувајќи дека на избраните и именуваните лица, чии функции се извршуваат професионално, работниот однос им мирува согласно со закон.
Тие потсетија и на Законот за пратениците на Македонија, според кој функцијата пратеник е неспоива со функцијата претседател, претседател на Владата, министер, судија на Уставниот суд, судија, народен правобранител, јавен обвинител и други носители на функции кои ги избира и именува Собранието и Владата на Македонија, со член на совет на општина и градоначалник на општина, односно градот Скопје и вработените на стручни и управни работи во органите на државната управа.
Во врска со Законот за Собранието, оттаму нагласија дека функцијата пратеник е неспоива со вршење на други јавни функции или професии, утврдени со закон.
Од Изборниот законик, посочуваат дека функцијата пратеник, член на совет и градоначалник е неспоива со функцијата претседател на Републиката, претседател на Владата, министер, судија, јавен обвинител, јавен правобранител, народен правобранител и со други носители на функции кои ги избира или именува Собранието и Владата на Македонија.
– Имајќи ги предвид сите погорецитирани закони, Државната комисија укажува дека Уставот и законите на Северна Македонија треба подеднакво да важат за сите граѓани на државата, вклучувајќи ги и актуелните, но и претходните функционери, поради што се повикуваат лицата кои се на највисоки државни функции и вршат јавни овластувања, на обврската за почитување на начелата за законитост и интегритет – стои во соопштението од ДКСК.
Оттаму дополнуваат дека непочитувањето на сите горенаведени обврски и забрани повлекува последица за престанок на мандатот на избраните функционери, согласно член 6 став 1 точка 3 од Законот за собранието, член 8 став 1, точка 3 од Законот за пратениците и член 152 став 1, алинеја 3 од Изборниот законик. Воедно, истото претставува прекршок за кој согласно член 105 став 1 алинеја 1 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси се изрекува одредена прекршочна санкција.