Фото: Пекселс

Алергискиот ринитис е најчеста форма на хроничен ринитис, кој зафаќа 10-20 отсто од населението и чија инциденца е со постојана тенденција на раст

Автор: Д-р Енсер Јусуфоски, оториноларинголог со насоченост кон ринологија во Општа болница – Кичево

Алергиски ринитис е воспаление на слузницата на носот кое се јавува како последица на прекумерна реакција на имунолошкиот систем на алергените од воздухот и алиментарни алергенски стимули. Знаците и симптомите вклучуваат течење на носот или затнат нос, кивање, црвенило, чешање, и солзење на очите и оток околу очите. Секретот од носот вообичаено е бистар.
Симптомите се јавуваат до неколку минути по изложување на алергенот, и може да влијаат врз спиењето и способноста за работа и учење.
Некои луѓе може да развијат симптоми само за време на одреден период од годината, како резултат на изложеноста на полен.
Голем дел од пациентите со алергиски ринитис исто така имаат астма, алергиски конјуктивитис или атопичен дерматитис.

Алергискиот ринитис претставува најчеста форма на хроничен ринитис, кој зафаќа 10-20 отсто од населението и чија инциденца е со постојана тенденција на раст.
Тој вообичаено е поттикнат од алергени од средината како што се полен, влакна од животни, прашина, или мувла. Генетските фактори и изложеноста од средината доведуваат до развој на алергии. Основниот механизам вклучува врзување на IgE антителата за алергенот, и последователно ослободување на инфламаторни супстанции од страна на маст клетките, како што е хистаминот.

Дијагнозата вообичаено се заснова на симптомите комбинирано со кожен прик-тест или крвни тестови за алерген – специфични IgE антитела. Резултатите од овие тестови може да бидат лажно позитивни. Симптомите на алергија наликуваат на оние на настинка.
Постојат бројни студии кои ја покажуваат физиолошката, функционална и имунолошка поврзаност помеѓу горните дишни патишта (нос, носни празнини, параназални синуси,
Евстахиева туба, фарингс и ларингс) и долните дишни патишта (трахеа, бронхи, бели дробови). Обложени се со цилијарен епител со пехарести клетки кои секретираат мукус којшто служи како филтер за надворешните честички и заштита на структурите на дишниот пат. Исто така, субмукозата и на горните и на долните дишни патишта содржи комплекс на крвни садови, мукозни жлезди, потпорни клетки, нерви и инфламаторни клетки. Постојат студии кои покажуваат дека алергенската провокација на горните дишни патишта не предизвикува само локален инфламаторен одговор, туку може да доведе до инфламација и на долните дишни патишта, што го објаснува фактот на коегзистирање на алергискиот ринитис и астмата кај иста индивидуа.

Појавата на алергиски ринитис може да биде предвесник на подоцнежна појава на астма и обратно, прво да се дијагностицира астма, а потоа и алергиски ринитис кај ист пациент. Сето ова доведува до потреба за правилна дијагноза и навремен тераписки третман кај пациентите со алергиски ринитис со цел да се подобри квалитетот на живот.
Во развиените земји пациентите со алергиски ринитис чекаат подолго време за да направат преглед кај специјалист оториноларинголог. Овој факт доведува до потребата за правилни насоки за третман на алергискиот ринитис кои треба да се достапни за секој семеен лекар, кој всушност претставува и првата станица на која пациентите бараат помош.

Фото: Пиксабеј

Клинички алергискиот ринитис се презентира со симптоми слични на обична настинка: затнат нос, зачестени кивавици, течење на бистар – проѕирен секрет од носот, или постназално слевање на секрет од носот во грлото, чешање на кожата на носот и очите, солзење на очите, иритантна кашлица, гребење во грлото. Окуларните симптоми се почести кај пациентите со сезонски алергиски ринитис. Кога постојат два или повеќе од дадените симптоми кои траат подолго од еден час на ден, треба да се посомневаме на оваа патологија.

Симптомите произлегуваат од многубројните аферентни нервни влакна кои се наоѓаат во слузницата на носот, па преку рефлексни механизми, преку центрите во понс и медула облонгата доаѓа до еферентни одговори како што се кивањето, затнатоста, солзењето на очите. Контактот на назалната слузница со надворешната средина кадешто се наоѓаат многубројни супстанции кои предизвикуваат алергија, т.н. алергени придонесува за нагласување на симптомите. Сите овие симптоми доведуваат до намалување на квалитетот на секојдневниот живот, пациентите се жалат на намалена концентрација, чести главоболки, вознемиреност и хроничен умор, влијаат на работоспособноста, и се проследени со зачестени отсуства од работа или училиште.
Со големата варијабилност на презентација на симптомите меѓу различните пациенти, кај некои може да бидат благо изразени без афекција на извршувањето на секојдневните обврски, па до умерени и тешки каде има големо намалување на квалитетот на секојдневниот живот, намален сон, хроничен замор, намален успех во школо, намалена продуктивност на работа. Овие пациенти често имаат и други пропратни горно и долнореспираторни болести, како алергиска астма, хроничен синуситис, носна полипоза.

Типови на алергиски ринитис:
– Повремен или интермитентен облик на алергиски ринитис – симптомите се појавуваат помалку од 4 дена во неделата и помалку од 4 недели во текот на годината. Истите се поврзани со повремено присуство на одредени алергени во надворешната средина како на пример полен од различни растенија.
– Постојан или целогодишен облик на алергиски ринитис – симптомите се појавуваат повеќе од 4 дена во неделата и повеќе од 4 недели во текот на годината. Алергените кои ги предизвикуваат симптомите се присутни во текот на целата година, како куќната прашина, домашните миленици. Најчесто симптомите се нагласуваат во зимскиот период.

Третман на алергискиот ринитис
Во лекувањето на алергискиот ринитис се применуваат мерки на превенција и тераписки постапки. Сите тераписки третмани се насочени кон контрола и олеснување на симптомите на алергиски ринитис, но не и кон комплетно излекување на болеста.

Мерки на превенција
Во мерки на превенција спаѓа начинот на избегнување на контакт со алергените.

Тераписки постапки
Во третманот на алергискиот ринитис моментално се регистрирани повеќе интраназални и системски препарати, кои со правилна примена може многу да ги намалат симптомите на алергиски ринитис, односно да ја одржуваат алергијата под контрола. Тука спаѓаат интраназалните кортикоспрејови, интраназалните антихистаминици, комбинација на интраназален кортикоспреј со интраназален антихистаминик, интраназалните деконгестиви, системските кортикостероиди, антихистаминици, деконгестиви, кромолински препарати, антагонисти на PAF рецепторите, антилеукотриените, а по најнови студии и позитивен ефект во третманот на алергии наоѓаат место и пробиотиците.

Според АРИА интраназалните кортикостероиди се лекови од прв избор за третман на алергискиот ринитис. Кога со нивната употреба не се постигнува добар ефект комбинацијата на интраназален кортикостероид со интраназален антихистаминик поединечно или во состав на еден спреј е третман од избор. Вообичаено интраназалните кортикостероиди и интраназалните антихистаминици се ефикасни топични препарати за третман на алергиски ринитис. Интраназалната примена на лекот како метод на администрација овозможува директен контакт со целниот орган со што се минимизираат потенцијалните системски штетни ефекти што би се постигнале со ординирање на лекот по орален пат. Исто така топичната употреба на овие лекови овозможува подобар ефект со употреба на помали дози на лек. Негативностите кај интраназалната примена на лекот се состои во можноста на засилување на симптомот кивавица кај хиперреактивен нос и повремена локална иритација на носната лигавица опишана кај некои генерики. Интраназалната администрација на кортикоспрејовите е асоцирана со минорни крвавења од нос кај ограничен број на пациенти, кое се објаснува со вазоконстрикторните ефекти на кортикостероидните молекули, а може да е резултат и на неправилно користење на спрејот, затоа се препорачува при администрирање со лева рака – десна ноздрва и обратно. Од друга страна интраназалните антихистаминици имаат скоро комплетно топично дејство, без појава на системски ефекти карактеристични за антихистаминиците. Администрирани во соодветни дози, не предизвикуваат седација и немаат афекција на психомоторните функции кои што се карактеристични за постарите генерации на антихистамински лекови.
Комбинацијата на интраназален кортикостероид и интраназален антихистаминик се покажала како поефикасна во третманот на алергиски ринитис во поглед на времето и степенот на повлекување на симптомите.

Алергијата во секоја нејзина манифестација сè уште претставува енигма и поле отворено за многу истражувања со цел на добивање на нови информации и тераписки можности со што би се помогнало на големиот број на пациенти кои се засегнати од таа патологија. Ние како лекари сме должни будно да ги следиме новостите и актуелните препораки за третман со што би можеле на најдобар можен начин да им помогнеме на нашите пациенти во превенцијата и третманот на дадената патологија. Пациентите се советуваат и едуцираат за правилно и редовно да ја примаат ординираната терапија и редовно да се јавуваат на закажаните контролни прегледи.