Коалицијата „Европски фронт“ усвои политичка декларација за етнички изборен легитимитет за која на денешната средба во Тетово беше посочено дека ќе биде испратена до сите локални и меѓународни институции. Декларацијата ја потпишаа сите партии кои го сочуваат „Европски фронт“ – Демократска унија за интеграција, Движење на народот, Демократска партија на Албанците, Европска демократска партија, Демократска партија на Турците, Политичка партија Унија на Ромите – УРА, Политичка партија Бошњачки Демократски Сојуз.
По обраќањето на сите лидери на партиите, декларацијата ја прочита претседателот на ДУИ, Али Ахмети, по што со кревање рака едногласно беше усвоена. Декларацијата на сцената од Центарот за култура во Тетово ја потпишаа лидерите на партиите, по што тоа може да го направат во фоајето и другите партиски функционери.
Во образложението на декларацијата беше посочено дека случувањата и чекорите по парламентарните и претседателските избори на 8 мај 2024 година го доведуваат во прашање духот на Охридскиот договор. Според нив, резултат на тоа е враќање на познатата политика „раздели па владеј“.
Според Ахмети, кој ја прочита декларацијата, консензуалната демократија значи организирање на заедниците во политички партии и учество на избори за стекнување на легитимитетот на нивните сонародници и оваа волја на нашите заедници, затоа, мора да се почитува од страна на мандатарот.