Претседателката на Врховниот суд Беса Адеми денеска имаше работна средба со амбасадорот на Европската Унија во земјава Дејвид Гир.
Адеми на средбата истакна дека е од големо значење што активностите на највисокиот суд во државата се оценети позитивно во новиот Извештај за владеењето на правото на Европската Унија, соопшти Врховниот суд.
– Позитивните оценки за Врховниот суд на Република Северна Македонија претставуваат континуитет на извештаите на Европската комисија последниве години и тоа е голем мотив да продолжиме со истите заложби и програмски цели. Остварувањето на препораките на Европската комисија е клучно за нашиот европски пат – истакна Адеми, упатувајќи благодарност до амбасадорот за неговата посветеност и поддршката на ЕУ за владеењето на правото и независноста на судството.
Амбасадорот Гир нагласи дека иновативноста и креативноста на Врховниот суд е за поздрав, особено за прашањата кои се однесуваат отвореноста на судството, јавниот интерес и унапредувањето на судската практика, во кои спаѓаат и начелните ставови за транспарентност на предметите од јавен интерес, примената на Европската конвенција за заштита на човековите права и прашањето за здравата животна средина.
На средбата е потенцирано и значењето посетите на претседателката на Врховниот суд на пониските судови низ целата држава, на кои се разговара за суштинските прашања во делот на финансиската независност, кадровската екипираност, ефикасноста, отчетноста и солидарноста.
Во таа насока, беше истакнато дека Врховниот суд е добар пример за целото судство и дека позитивните оценки се јасен сигнал дека само со доследно почитување на европските стандарди и принципите за независно судство може да се оствари реформската и европската агенда, се наведува во соопштението од Врховен суд.