Македонија може да смета на Белгија како цврст и сигурен сојузник на патот кон Европската Унија, порача белгискиот министер за надворешни работи, европски прашања и развојна соработка, Максим Прево, на заедничката прес-конференција со неговиот македонски колега Тимчо Муцунски.
Прево истакна дека Белгија „без никаква двосмисленост“ ја поддржува европската перспектива на земјата, нагласувајќи дека билатералните прашања не треба да го блокираат процесот на проширување на ЕУ.
– Цврсто верувам дека земјата треба да продолжи со реформите и усогласувањето со Копенхашките критериуми – порача тој.
Тој додаде дека институционалната стабилност во Македонија е за поздравување, охрабрувајќи го продолжувањето на реформите, владеењето на правото и конструктивниот политички дијалог.
Во однос на односите со Бугарија, Прево порача дека е важно да се дадат јасни гаранции дека по спроведувањето на договорените обврски нема да има нови блокади на европскиот пат на земјата.
– Сите земји членки на ЕУ треба да најдат начин да се обезбедат такви уверувања – изјави тој.
На почетокот од посетата, белгискиот министер изрази задоволство од можноста да се запознае со земјата и ги оцени односите меѓу двете држави како одлични, истакнувајќи ја улогата на македонската дијаспора во Белгија.
Тој ја поздрави и усогласеноста на Македонија со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
Министерот Муцунски истакна дека посетата е значајна во контекст на регионалните и геополитичките предизвици, нагласувајќи дека двете земји во изминатите три децении изградиле силно партнерство.
Тој ја поздрави континуираната поддршка од Белгија за европската интеграција на земјата, како и помошта по трагедијата во Кочани, кога Белгија обезбеди транспорт и лекување на повредени лица.
































