Продолжениот Првомајски викенд, кој годинава се поклопува со празникот Рамазан Бајрам, повторно го исполни Охридското крајбрежје.
Хотелските капацитети, според првиот човек на Асоцијацијата на хотелиери – ХОТАМ, Крсте Блажески, се исполнети повеќе од минатиот продолжен викенд за Велигденските празници.
– Има гости, мислам дека хотелите се исполнети повеќе од Велигденските празници. Очекуваме 60 до 70 посто исполнетост на хотелите сега, додека за Велигден капацитетите беа окоу 50 отсто исполнети-изјави Блажески.
Голема е исполнетоста и во приватното сместување. Единствена пречка, како што посочи Блажески, е временската прогноза, и поради најавените дождови имале доста откажувања.
– Почнаа грчки автобуси да доаѓаат, по некоја турска и бугарска група. Тоа е показател дека државите околу нас се присутни тука и со нив ќе можеме да се извлекуваме во сезоната-заклучи Блажески.
Голем дел од присутните на ривиерата се сместени во сопствени станови, кои ги користат за викендите да уживаат во убавините на охридско-струшкиот регион.
Раздвиженоста низ охридската чаршија поради облачното време и не е така голема, за разлика од соседна Струга, каде во голем број се вратени печалбарите за прослава на рамазанските празници.