Фото: Архива

Редовните студенти од државните и приватните универзитети од наредната академска година ќе добиваат субвенциониран оброк од 120 денари дневно. Предлог-законот за субвенциониран студентски оброк, кој го иницира Либерално-демократската партија, синоќа беше усвоен на пленарна седница на Собранието, а за него поддршка дадоа пратениците и од власта и од опозицијата.

– Преку Законот за субвенционираниот студентски оброк, што тимот на ЛДП го подготви врз основа на сличен проект што веќе со години функционира во Словенија, обезбедуваме можност студентите за значително пониска цена да може да се хранат кај регистрирани даватели на услуги, кои ќе потпишат договор со Министерството за образование и наука за субвенционирање на студентскиот оброк – вели Моника Зајкова, потпретседателка на ЛДП.

Таа објаснува дека студентите од Министерството за образование и наука ќе добиваат финансиска поддршка во износ од 120 денари дневно, наменета за купување приготвена храна. На тој начин се обезбедува финансиска поддршка, но и поквалитетен и поздрав живот за младите во периодот на студенстките денови.

– Во согласно со предложеното законско решение право на субвенциониран оброк ќе имаат редовните студенти на додипломски студии на државните и на приватните универзитети, државјани на Република Северна Македонија, кои се регистрирани во системот, по пат на посебна пријава што студентот ќе ја поднесе при запишување во тековната академска година, а кои не се во редовен работен однос, не се регистрирани како индивидуални земјоделци и немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната нето-плата во Републиката за тековната година – дополнува Зајкова.

Оваа можност студентите ќе имаат право да ја користат од понеделник до петок, од осум часот наутро до 20 часот навечер, а таа не важи за време на викенд и државни празници.

– Морам да истакнам дека значењето на овој проект го препознаа и Владата, која даде позитивно мислење за ова законско решение, но и пратениците од сите пратенички групи, кои го поддржаа предлогот на ЛДП и дадоа свој придонес во подобрување на текстот. Нема поисплатлива инвестиција од инвестирањето во младите! ЛДП и понатаму ќе иницира нови предлози за подобар студентски стандард. Нашите студенти ги заслужуваат истите услови за студирање како студентите од државите членки на Европа – завршува Зајкова.