Фото: Игор Бансколиев

ПРЕКУ МЕДИЈАЦИЈА ЌЕ СЕ БАРА ИЗЛЕЗНО РЕШЕНИЕ ЗА БУГАРСКАТА БЛОКАДА

Деновиве зачестија изјавите дека за надминување на несогласувањата меѓу Македонија и Бугарија и за одблокирање на нашиот пат кон ЕУ би било добро да има медијација од трета страна. Но што всушност носи еден таков, според многумина, комплициран процес. Кои се шансите и каде лежат ризиците? Според експертите, дури и да биде постигната согласност за медијација, треба да се дефинира на што точно ќе се однесува таа. Ние за нашиот идентитет и јазик не би прифатиле никаква медијација, а нема ниту сериозен медијатор што би се нафатил на таква работа бидејќи знае дека тоа е спротивно на логиката и на меѓународното право

По последното бугарско вето и дијаметрално спротивставените ставови меѓу Скопје и Софија во поглед на идентитетот, јазикот и историјата на македонскиот народ, неизвесно е како ќе се одблокира процесот на пристапување на Македонија, ако се знае дека Бугарија во ниту еден момент нема намера да отстапи од своите тврди и, за многумина, нерационални и апсурдни ставови.
Во една таква ситуација деновиве зачестуваат изјавите дека за надминување на бугарско-македонскиот спор би било добро да има медијација од трета страна, но прашање е дали со медијацијата, како што беше искуството со надминувањето на разликите за спорот за името со Грција, Македонија би добила или, пак, би загубила.
Земјава веќе побара еден вид посредништво во однос на историските прашања во комисијата што расправаше за историските прашања во согласност со Договорот за пријателство и добрососедство што Македонија и Бугарија го потпишаа во 2017 година, но Софија одби вклучување на трета страна.
Гледано од аспект на сила и моќ како членка на Европската Унија, евентуална медијацијата би одела во полза на Бугарија, но од аспект на историските факти, и од аспект на меѓународното право, тука несомнено Македонија би имала полза од посредништво.

Но вистинската и најголема дилема што во моментот се наметнува е дали земјава воопшто треба да преговара за работи како што се идентитетот, јазикот и историјата, бидејќи штом се прифати медијација, тогаш веројатно како компромис Македонија би требало од нешто да се откаже, што во овој случај би било погубно за македонскиот народ и претставува опасна замка.
Седнување на зелена маса на преговори и прифаќање медијација подразбира и одреден вид компромис и попуштање, што Македонија не смее и не може да си го дозволи кога станува збор за јазикот, историјата и идентитетот.
Од друга страна, и без медијација Бугарија продолжува да инсистира само на сопствената вистина и нема намера да ја крене блокадата во скоро време.
Некои од експертите сметаат дека спорот меѓу Скопје и Софија не може да се реши со меѓународно посредување, туку со зголемен притисок врз Бугарија.

– Бугарија ја користи својата моќ во ЕУ како предност против Северна Македонија. Затоа, мора да се врши притисок врз Бугарија бидејќи тоа е неприфатливо. Постојат историски разлики, прашањето за јазикот, малцинството. Но не мислам дека е потребна медијација – вели Флоријан Бибер, професор и познавач на состојбите на Балканот.
Од друга страна, политичкиот аналитичар Петар Арсовски смета дека токму поради позицијата на моќ од која настапува Бугарија, за Македонија би била добра медијацијата.
– Македонија добива со медијација. Секогаш кога имаш две земји што имаат дискрепанца помеѓу силата и моќта, во случајот Македонија е послаба бидејќи Бугарија е членка на ЕУ, секогаш на послабата ѝ одговара медијација бидејќи инаку не би можела да ги наметне своите ставови – вели Арсовски.
Тој додава дека со Бугарија е комплицирана ситуацијата бидејќи двете земји спорат за исти прашања.

– Ако ние оставиме само на ЕУ, Унијата ќе притиска униформно. Тие ќе притискаат секаде да постигнеме некаков договор. Треба да се најде медијација што ќе навлезе малку подлабоко во спорот за да можеме ние да ги образложиме нашите позиции подобро. Ако имаме паушална медијација, колку да се договориме, тоа не е добро зашто има работи околу кои не можеме да попуштиме – истакнува Арсовски.
Според него, со меѓународна медијација Македонија добива, а тоа се покажа со Берлин.
– Единствениот нонпејпер што беше прифатлив за нас излезе од Берлин, значи со посредство на трети страни. Инаку документите што ги разменуваме со Бугарија никој не ги покажува, очигледно не се за покажување – појаснува Арсовски.

Дипломатот и поранешен амбасадор Огнен Малевски смета дека медијацијата е комплицирана работа и не гарантира секогаш успех, но е добра дипломатска алатка.
– За да дојде до медијација треба обострана согласност. Обично страната што е посилна во спорот одбива таква работа. Во бугарските медиуми нема изјава на нивен политичар, па дури и новинар, дека постои подготвеност за медијација. Да, тоа е една дипломатска алатка што стои на располагање и добро е кога има некој спор за решавање да се прифати, но прашање е колку во моментот е реално бидејќи јас не гледам подготвеност од другата страна за такво нешто – вели Малевски.
Според него, дури и да биде постигната согласност за медијација, треба да се дефинира за што точно ќе се однесува медијацијата.

– Треба да се утврди делокруг на надлежноста на таа медијација, поточно за што ќе преговараме и за што ќе се договараме. Во секој случај, станува збор за комплициран механизам и треба да се биде внимателен. Ние за нашиот идентитет и јазик не би сакале никаква медијација, а нема ниту сериозен медијатор што би се нафатил на таква работа бидејќи знае дека тоа е спротивно на логиката и на меѓународното право. Како и да е, тоа е добра алатка и од наша страна треба да стои како опција, но колку е прифатливо за другата страна тоа е прашање. Во случајов, јас не гледам таква подготвеност – заклучува Малевски.