Претседателот Стево Пендаровски по повод христијанскиот празник Свети Климент Охридски упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан и сите верници од православна вероисповед.

-Денот на патронот на Mакедонската православна црква има неизмерно духовно, културно и општествено значење. Чествувањето на Св. Климент Охридски како основоположник на Oхридската книжевна школа нема само национално значење. Неговото и делото на неговите учители, светите браќа Кирил и Методиј, ги надминува локалните и регионалните рамки и е од значење за севкупната европска култура. Затоа да го почитуваме и достојно да го продолжиме делото на Св. Климент Охридски, водени од неговиот хуманизам, трудољубивост и чесност – нагласува Пендаровски во честитката.

Тој посакува верниците да го минат празникот во мир и радост, исполнети со љубов и грижа.

Премиерот Зоран Заев синоќа имаше свое обраќање на духовната академија во чест на празникот Свети Климент Охридски, патрон на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

-Во мое лично име и во името на Владата, на сите православни верници, и на Синодот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, упатувам честитки по повод големиот христијански празник – Св. Климент Охридски – рече Заев.

Тој истакна дека Свети Климент Охридски е основоположник на македонската духовност.

Ставајќи ги заложбите на Свети Климет Охридски во денешен контекст, премиерот рече дека денеска Македонците и македонскиот јазик се впишани во ризницата на светските народи и јазици и никој повеќе нема дилеми и не го оспорува тоа.