Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, имаше воведно обраќање на првичниот состанок на проектните партнери и претставниците од министерствата за надворешни работи на земјите од Западен Балкан и Вишеградската група во рамките на проектот, THINK Balkans.

Во своето обраќање Османи се осврна на непроценливото значење на улогата на тинк танк организациите во градење на демократски општества, нивната експертиза и анализа во креирање на политиките и секако нивниот суштински придонес во отворените дебати и дискусии.

– Соработката на тинк танк заедницата во Регионот преку овој проект ќе ја збогати регионалната соработка, особено во контекст на справување со предизвиците на ЕУ пристапниот процес и ќе допринесе да се зајакне гласот и влијанието на Регионот во ЕУ – истакна Османи.

Министерот ја потврди отворенoста на министерството за надворешни работи да биде партнер во овој проект што е во силна корелација со определбата за активен дијалог и соработка на Куќата со граѓанското општество.

Проектот е финансиски поддржан од Меѓународниот Вишеградски фонд и е моделиран по примерот на платформата -В4 Тинк Танк. Проектната единица има за цел да ја зајакне соработката и да го подобри дијалогот меѓу тинк тенковите од Вишеградската група и Западен Балкан со министерствата за надворешни работи за прашања од заеднички стратешки интерес.