Одливот на здравствениот кадар не е проблем отсега, туку е проблем кој со децении постои секаде во светот. За првпат оваа Влада покажува спремност, подготвеност и отвореност за подобрување на статусот на сите вработени во овој сектор, со цел нивно задржување во нашата држава, наведува Министерството за здравство во одговор до Синдикатот на Клинички центар кој јавно побара од министерот за здравство, Венко Филипче, да ги оствари дадените ветувања за поголеми плати и да го спречи одливот на здравствениот персонал од јавните здравствени установи во западноевропските земји или нивниот потенцијален трансфер во приватните болници преку проектот јавно приватно партнерство.

Министерството ги покани на состанок претставниците на Синдикатот за да разговараат за сите отворени прашања.

-Во последниве две години направени се значајни подобрувања во јавното здравство. Повеќе од десет години платите на здравствените работници не беа покачени, ниту пак се ценеше нивниот труд. Само во 2018 година се дадени 3,200 согласности за вработување. Во 2018 година за 5% се зголемија платите на 19.123 вработени, додека пак во јануари 2019, за 5% се зголемија платите на медицинските сестри и 10% на докторите специјалисти. Нашата заложба и обврска во 2020 година е платите на лекарите специјалисти да бидат 100 илјади денари. Зголемени се коефициентите за исплата на дежурства и ноќен труд. Приватните специјализанти, од минатата година за првпат се платени за својата работа, во висина со просечна плата на општ лекар- велат од МЗ.

Од таму наведуваат дека е почнат процес на отворање на можности за секој млад лекар да биде дел од јавното здравство, а во тек се јавни повици за работа во траење од 6 месеци со кои на младите лекари и медицински сестри им се дава шанса за стекнување на практично искуство, работа и знаење.

Од Министерството наведуваат и дека се разгледуваат сите опции за намалување на цената за паркинг на вработените на Клиника.

-Отворени сме за комуникација со синдикалните движења, бидејќи тие се двигателот на промените. Но, очекуваме и предлози од нивна страна за подобрувањето на услугата кон пациентите, што е основа на секој здравствен систем. Мора и треба пациентот да биде на прво место- велат од МЗ.