Доближувањето на идеите и програмите на кандидатите до граѓаните, односно до избирачите, а со тоа и приближувањето на самите кандидати до електоратот, е примарна задача во секој предизборен период. Во таа смисла, интересен факт е појавата на новиот тренд, а тоа е дека кандидатите што треба да влезат во изборниот процес сѐ почесто ангажираат лица од граѓанските движења што го следат пулсот на општествените движења и потребите како на поширок круг граѓани, така и на поспецифичните граѓански групи и иницијативи. Така на пример во САД, како што зема полн замав прелиминарниот процес за номинирање кандидати, штабовите ги заобиколуваат искусните „сезнајковци“ од Вашингтон, кои работат само во корист на федералната политика, а сѐ повеќе се насочуваат да ги пополнат високите позиции со нова генерација активистички ориентирани оперативци чија кариера започнала во граѓанските движења. Како се движи овој тренд кај нас во пресрет на претседателските избори?


Демократите вклучуваат граѓански активисти во своите кампањи за наредните претседателски избори

(Њујорк тајмс)

Александра Рохас и Валид Шахид беа шокирани. Двајцата лидери на интересната група „Правични демократи“, чиј бескомпромисен стил важи за доста незгоден меѓу вашингтонските традиционалисти, беа повикани на состанок од страна на помошниците на сенаторката Елизабет Ворен, која е нова во претседателската кампања. Додека Ворен сакаше партијата да ја насочи кон левицата, со тоа што предлагаше широки либерални политички идеи, нејзиниот тим беше подготвен да побара совет од организациите што го сторија истото тоа.

– Сакаат да нѐ вклучат на нивен терен. Тие знаат дека ако нивната цел е победа, тогаш ќе им биде потребна поддршката на граѓанските активисти – порача Рохас.
Подготвеноста на Ворен да стапи во контакт со политички помошници надвор од традиционалната сфера на политички помошници го нагласува степенот до кој активизмот и идеологијата го диктираат изборот на работни тимови во кампањите за демократските кандидати дури и на највисоко ниво. Ниту Рохас и ниту Шахид досега не добиле работна понуда, но меѓу силната конкуренција во која кандидатите сакаат да се истакнат, активистите што одлично го владеат јазикот на општествените движења стануваат важни сојузници.

Фото: Игор Бансколиев

Џулијан Кастро ја ангажира Маја Руперт за менаџерка на неговата кампања, која иако е почетничка на оваа позиција, претходно изградила успешна кариера во организацијата на Центарот за репродуктивни права и на Националниот центар за лезбејски права. Сенаторот Берни Сандерс ја прошири својата мала група на стратези и го ангажира Фаиз Шакир, поранешниот политички директор на Американскиот синдикат за граѓански слободи, за да ја води неговата нова претседателска кампања.

Како што зема полн замав прелиминарниот процес за номинирање кандидати, некои демократи ги заобиколуваат искусните „сезнајковци“ од Вашингтон, кои работат само во корист на федералната политика, поточно познатите стратези како Дејвид Акселрод, Џејмс Карвил и неодамна Роби Мук. Наместо тоа, кампањите повеќе се насочуваат да ги пополнат високите позиции со нова генерација активистички ориентирани оперативци чија политичка кариера започнала во граѓанските движења.

Промената резултира со поголем диверзитет на кадар за разлика од претходните изборни циклуси, но исто така влијаеше и врз стратегијата, како што велат претставници на кампањите. Новите лица работат заедно со ветераните во изборните циклуси за да внесат нови идеи и политички пристапи на претседателската сцена.

На пример, Кастро планира да ја избегне традиционалната кампањска тура за прелиминарните избори и да направи обиколка во сите 50 сојузни држави. Ворен сака да ги избегне сите приватни донации на средства, што е нечуено за претседателската кампањска политика, и наедно доби поддршка од нејзиниот главен кампањски стратег Ден Гелдон, кој исто како Ворен, воопшто не го сака Вол стрит, но сака политички ризици.

Сандерс дополнително става акцент на својата лична биографија и се вклучува во поексплицитни дискусии за расната нееднаквост. Сенаторката Камала Харис, калифорниската демократка што се потпираше на докажана калифорниска советничка група, наиде на проблеми да најде високи членови за својата кампања со искуство во граѓански активизам додека се обидуваше да се претстави себеси како кандидатка „за народот“.

– Промените што ги забележуваме во Демократската партија се тоа што многу луѓе сакаат нивните лидери да добиваат идеи од она што порано се сметаше за маргинално и потоа истите тие да се насочат кон центарот. Движењата функционираат токму на овој начин – порача Руперт, кампањската менаџерка на Кастро.

Вработените во кампањата на Кастро добиваат минимална плата од 15 долари на час, а притоа тој порача дека ќе го поддржи секој напор на членовите да формираат синдикат. Од кампањата на Сандерс најавија минатата недела дека нејзините членови ќе станат првата синдикална работна сила во една претседателска кампања.

Кели Дитрих, долгогодишен демократски консултант, изјави дека бранот на демократски ентузијасти по изборот на претседателот Доналд Трамп помогна активистите повеќе да се заинтересираат за традиционалната изборна политика. Поради ваквиот тренд, тој вели дека кампањите се принудени посериозно да ги сфатат новите идеи.

– Забележуваме сѐ повеќе луѓе низ спектарот, истовремено во однос на диверзитетот и на политичката агенда, како се залагаат и сакаат да направат промени. Тие се исплашени или не можат да ја поднесат повеќе ваквата состојба. Постои голема разочараност и овие луѓе се подготвени да се борат – порача Дитрих, кој има основано организација за кампањска едукација наречена Национален демократски комитет за обука.

Тој додаде дека Демократската партија треба да ги привлече овие активисти, така што „во наредните пет, 10 или 15 години ова да прерасне во стандард“.
Промената ја одразува зголемената свесност кај многу демократи дека најсилната енергија на партијата се наоѓа во левото крило. Демократите го добија мнозинството во Претставничкиот дом на ланските конгресни избори, а најпопуларните членови на новата класа во партијата се жени од малцинските заедници, кои уште повеќе ја насочија партијата кон левицата и беа поддржани од интересните групи како „Праведни демократи“.

Наместо да се борат против новата енергија, одредени оптимисти за претседателската кампања од 2020 година одлучија да ја искористат. Ричард Мекданиел, кој помогна да се оствари изненадувачка победа за сенаторот на Алабама, Даг Џоунс, во 2017 година, се приклучи на кампањата на Ворен како секторски директор. Ребека Пирси, поранешна членка на Демократскиот комитет за законодавна кампања, организацијата што назначува демократи во државното законодавство, беше изненадувачки избор за национална политичка директорка во кампањата на Харис.

Во однос на расниот диверзитет, Харис е предводничка со 12 високи членки од малцинските заедници од вкупно 17 члена. Вклучена е Џули Чавез Родригез, внука на активистот за работнички права Цезар Чавез. Родригез одигра клучна улога да ѝ помогне на Харис да ја добие поддршката на Долорес Хуерта, калифорниската работничка лидерка, која заедно со Чавез го основаа синдикатот „Обединети земјоделци“.

Друга членка на тимот на Харис е Лафонца Батлер, поранешна претседателка на Меѓународниот службенички синдикат во Калифорнија. Таа изјави дека активистите сметаат дека изборната политика е повредна во оваа ера поради тоа што администрацијата на Трамп го разбуди чувството на морал кај либералите.

– Самите си ги поставуваме овие егзистенцијални прашања за тоа каква нација ќе бидеме. Јас морав да изберам како најдобро да продолжам да ја работам мојата работа како застапник и глас на работниците, а мојот ангажман во кампањата на Харис е само едно нејзино продолжение – порача Батлер, која е висока советничка на Харис.

Мекданиел, кој е секторски директор во кампањата на Ворен, наведе дека промената настана откако претседателот Барак Обама ја воведе ерата на граѓански активизам на Интернет. Тој исто така вели дека „правилата престанале да важат со претседателот Обама во однос на тоа како се вклучуваат заедниците. Станува збор за стара тактика, во која треба да се вклучат нови начини на размислување“.

Но некои партиски членови предупредија дека вклучувањето на активистите повеќе е за очите на јавноста отколку за вистинска промена во политичката моќ и дека донесувањето на одлуките сѐ уште ќе биде во рацете на фирмите за политички стратегии што долги години се влијателни во изборните политики. На пример, кампањата на Харис е силно поврзана со големи политички имиња како долгогодишниот калифорниски консултант Аверел Смит, односно демократскиот стратег што е познат како Ејс и кој претходно ѝ помогна во неколку кампањи пред претседателската трка.

– Ќе видиме како ќе функционира ова во практиката. Кој ќе одлучува за буџетите, кој ќе одлучува каде кандидатот ќе оствари средба со граѓаните, кој ќе одлучува за целните групи? Дали за ова ќе бидат задолжени лицата од малцинските заедници што ги ангажираа – прашува Џес Моралес Рокето, политичката директорка на Националната асоцијација за домашни работници и поранешна членка во претседателската кампања на Хилари Клинтон од 2016 година.

Таа апелира да бидат вклучени членови на кампањите надвор од круговите на Вашингтон, но не со цел само да бидат задоволени општите критериуми. Таа изјави дека од една актуелна претседателска кампања експлицитно ѝ рекле дека сакаат токму неа да ја ангажираат затоа што им била потребна „Латиноамериканка со искуство во граѓанските движења“. Наедно таа додаде дека „би било штета ако само се заинтересирани за тоа каков впечаток ќе остават во очите на јавноста“.

Хедер Мекги, поранешната претседателка на прогресивната интересна група „Демос“, не се ангажира во ниедна идна претседателска кампања, но порача дека лично контактирале со неа од страна на Харис и сенаторот на Њу Џерси, Кори Букер, затоа што сака да остане блиска соработничка на Ворен. Нејзините советнички услуги се особено ценети откако политичкиот разгранок на „Демос“ лани го објави многу пофалениот труд за тоа како кандидатите треба да ја спојат анализата на раса и класа, што е главниот фокус на прогресивната порака.

– За да ја сфатите суштината на новата Демократска партија, треба да ги разгледате советниците на кандидатите и да го поставите прашањето дали тие претходно биле активисти или професионални консултанти – вели Мекги.

Една од новите идеи беше ставена на тест кога Харис неодамна во Невада одржа митинг како дел од политичката кампања. За време на настанот, помошниците делеа слушалки за латиноамериканските граѓани, за да можат да го слушаат симултаниот превод на говорот на кандидатката, потег што беше широко поздравен како ефикасен начин за да се допре до нови гласачи на Западот, полн со богати доселеници. Ова потекна од Батлер, која порача дека веднаш се сетила на ваквиот потег што го користела додека работела во синдикалната организација.