Република Полска отсекогаш ја поддржувала аспирацијата на Северна Македонија за евро-атлантска интеграција, истакна претседателот на Полска, Анджеј Дуда, за време на средбата со претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Дуда изрази благодарност за улогата на Северна Македонија во мигрантската криза истакнувајќи дека полската гранична полиција ги имплементира искуствата што ги добила во нашата држава.

На средбата претседателот Џафери искажа особена благодарност за континуираната поддршка од страна на Република Полска за процесот на евроинтеграција на Република Северна Македонија. Тој рече дека нашето Собрание, и покрај дневните предизвици, продолжува со исполнување на стратешките цели, меѓу кои е и развојот на добрососедската политика и домашната реформска агенда. Европската интеграција, продолжи Џафери, по членството во НАТО, останува клучен стратешки приоритет како единствена алтернатива за иднината на земјата.

Двајцата соговорници се согласија за особеното значење што го има парламентарната дипломатија имајќи предвид дека ги охрабрува владите да стапат во непосредна и конкретна соработка.