Во 1890 година Стева Ј. Радосављевиќ ја објавил книгата „Историја Бугаризма, народност и језик Македонаца“. Според авторот, бугарската пропаганда во Македонија се служела со новата бугарска книжевност. Бугарските дејци во Македонија собирале македонски народни умотворби и слично, притоа не воделе сметка дали граматички и синтактички одговараат со бугарскиот јазик. Собраните македонски творби ги објавувале под насловот „Бугарски народни умотворби“ и како такви биле презентирани пред надворешниот свет. Според Радосављевиќ, Русите биле духовни татковци на идејата дека Македонците се Бугари и дека Македонија е бугарска.

„Бугарската национална свест кај Македонците е резултат на новата бугарска пропаганда“, наведува авторот.

Радосављевиќ забележува дека „кој го слушнал Македонецот да говори, кој ги читал неговите песни, приказни, гатанки и поговорки, тој ќе увиди дека тој јазик мора да се развивал во особени околности, во свои независни граници“. Тој носи обележја што не можат многу добро да се вбројат ниту во српскиот ниту во бугарскиот јазик.

Судејќи според надворешниот изглед, би можело да се рече дека Македонците говорат некаков српско-бугарски волапик. Кога добро ќе се погледне, се гледа дека тој волапик не е ниту наш ниту бугарски, туку е просто домашна карактеристика. Не е чудно што македонскиот јазик има своја локална карактеристика. Зборот „попули“ ниту е чисто српски ниту бугарски. Бугарите совршено го немаат, а Србите кажуваат избуљи. „Ми се почуди“ не е ниту српска ниту бугарска форма. Такви фрази се и овие: шчо сите ми сте дојдени. Пискот је сиромашчија, ми се искачи на диван, хатарот да не ви расипам. Tи мене да ме загубиш, слушај ме мене, Кузмане.

Вакви примери има во изобилство, и тие не можат да се наречат ниту бугарски ниту чисто српски. „Кој е тој научник што на оваа очигледност сепак би рекол дека тоа е бугарски јазик? Тоа не би бил научник туку лаик, или слеп шовинист“.