Во просториите на „СОС Детско село“, во рамки на „Програмата за згрижување деца без родителска грижа“, вчера се одржа средба со Зоран Спасов-Sоф, авторот на романот „Тито, мојот претпоследен херој“, и претставници од „Арс Ламина“, издавачката куќа која го објави ова дело.

Средбата се одржа по повод донаторската кампања „Донирај и добиј книга“, која во ноември минатата година ја иницираа авторот на романот и издавачката куќа, со цел вкупните средства од продажбата на првиот тираж (од 1.000 примероци), вклучително и средствата од авторските права да ги донираат за потребите на децата, младите и семејствата во ризик, поддржани од „СОС Детско село“.

Од исклучителна важност е дека граѓаните и љубителите на книгата ја препознаа дополнителната хуманитарна вредност на ова дело и придонесоа во рекорден рок од месец дена да се продадат 1.000 книги и да се соберат 350.000 денари.

На средбата во просториите на „СОС Детско село“ донаторите предадоа чек со вредност од 350.000 денари на националната директорка Јулијана Накова-Гапо, а воедно имаа и можност да посетат една од куќите и да се запознаат со едно од семејствата и со секојдневното функционирање.

Според Јулијана Гапо, национален директор на „СОС Детско село“, дарежливоста и солидарноста имаа круцијална улога овој период, особено поради влијанието од пандемијата на Ковид-19.

– Благодарни сме што добивме партнери како авторот Зоран Спасов-Sоф и издавачката куќа ‘Арс Ламина’, кои покажаа исклучителна сензибилност за важноста на помагањето во време на пандемија. Преку нивната акција ја покажаа нивната солидарност, но и индиректно ја промовираа потребата за солидарност помеѓу граѓаните и важноста да се помага на најранливите категории – децата и семејствата во социјален ризик – посочи Гапо.

Авторот на „Тито – мојот претпоследен херој“, Зоран Спасов-Ѕоф истакна дека е среќен што во „Арс Ламина“ пронашол издавач со кој ја доработил книгата и со кој дели исти човечки и морални вредности.

– Затоа се одлучивме на овој чекор за приходот од продажбата да го донираме на оние на кои им е најпотребно, односно на децата од најранливите категории. Соработката нема да застане тука и се надевам дека ќе биде мотив за сите оние индивидуални донатори и правни лица да го следат овој пример – посочи Спасов.
Маркетинг-менаџерот во „Арс Ламина“, Александра Лукиќ-Камиловска, вели дека „Арс Ламина“ од своето основање е насочена кон поддршка и помош на различни типови на институции и социјално загрозени категории на граѓани.

– Досега, издавачката куќа ‘Арс Ламина’ има реализирано голем број донации, а овој пат ја препознавме потребата да се помогне и да им се подобри секојдневието на децата во ‘СОС Детското село’. Секако, ќе продолжиме со вакви акции и во иднина со цел да возвратиме во општеството во кое функционираме и да помогнеме за да креираме посветла и поубава иднина – појасни Лукиќ-Камиловска.

Јулијана Накова-Гапо истакна дека, за жал, сè уште во целиот свет најзагрозени се децата и нивните права, но и во Македонија, сплотени како едно семејство, се работи посветено веќе 20 години за топол дом и грижа за секое дете заедно со донаторите и поддржувачи на „СОС Детско село“.