Модерниот свет нема никаква дилема дека транснационалниот организиран криминал е реална, објективна закана, со огромен потенцијал да предизвика сериозни – како национални така и пошироки, глобални безбедносни импликации, истакна министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во обраќањето на конференцијата на тема: „Организираниот криминал и корупцијата како глобални безбедносни закани – Вградени предизвици во еден глобален регион“ во организација и под покровителство на Програмата за алумни на Европскиот центар за безбедносни студии „Џорџ Маршал“ и Асоцијацијата на алумни на Северна Македонија.
Според Спасовски, долгорочни ефекти и резултати против оваа комплексна безбедносна закана се можни само ако таа борба почива на заедничка нормативно и оперативно регулирана соработка и координација. Особено што, додаде тој, според меѓународните искуства, организираните криминални групи се многу приспоосбливи на брзите нормативни и техничко-технолошки промени и општествените трендови злоупотребувајќи ги можностите што ги носи напредокот на општеството.
– Имаме цврста политичка волја и развиена јавна свест за интензивна и континуирана борба против организираниот криминал и во овој контекст, со поддршка и соработка со меѓународните институции, работиме на развој на ефикасни правни стандарди и воспоставување специјализирани институции за сузбивање на овој вид криминал, како и за побрза и поефикасна размена на информации на билатерална и мултилатерална основа – порача Спасовски.