Делегација на Владата на Република Македонија предводена од министерот задолжен за подобрување на инвестициска клима за домашните компании, Зоран Шапуриќ, по повод празникот Ден на македонската револуционерна борба – 23 октомври, вчера положи венец со свежо цвеќе на споменикот на Гоце Делчев во Градскиот парк во Скопје.
Во составот на владината делегација беа и националниот координатор во Владата на Република Македонија за здруженијата на бранители Стојанче Ангелов и Драган Василевски, советник за одбрана на премиерот на Владата на Република Македонија.
Во честитката до граѓаните, министерот Шапуриќ подвлече дека Денот на македонската револуционерна борба – 23 октомври нè обврзува заеднички да ги водиме нашите идни битки – за мир, за стабилност, за подобар живот во Македонија.
Во чест на 23 Октомври – Денот на националната борба, денот кога во 1893-та година во Солун беше основана Македонската револуционерна организација (МРО), на споменикот на Гоце Делчев, симболот на македонската револуционерна борба, положија цвеќе и делегации на Собранието на Република Македонија, претседателот на РМ, претседателите на АРМ, на Сојузот на борците на РМ, како и претставници на МАНУ, на УКИМ, на политичките партии и на дипломатскиот кор во земјата.