Премиерот Зоран Заев по повод 8 Декември празникот свети Климент Охридски, упати честитка до граѓаните кои го слават името и делото на големиот просветител и духовник.
-Во мое лично име и во името на Владата на Република Македонија, на сите православни верници, на Синодот на МПЦ-ОА и на сите граѓани кои го слават делото Климентово, упатувам честитки по повод големиот христијански празник – Св. Климент Охридски со желби за радосен и благословен празничен викенд – стои во честитиката.
Свети Климент Охридски, се додава, основоположник на македонската црковна и народна духовност, и патрон на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, бил еден од најблиските и најревносните соработници и соучесници во мисијата на светите Кирил и Методиј во Моравија за описменување на народот.
-Инспирираат страдањата што ги поднел во својот подвиг, зашто го водела вербата во доброто што го правел и останал доследен на обврската што ја чувствувал како човек, да го продолжи делото на неговите учители, преку продлабочување и унапредување на словенската просвета. Сите генерации после него, и идните што доаѓаат, имаат пред себе пример за духовник кој применувал богослужба и создавал словенски свештенички кадар, затоа што бил свесен за важноста на духовната поткрепа на луѓето, кои тогаш ја наоѓале во Црквата – наведува премиерот во честитката.
Тој додава дека свети Климент останува жив паметник во историјата како основач на Охридската школа, честопати именувана како „првиот балкански и европски универзитет“, низ којашто минале околу 3.500 ученици. Бројот е импозантен и за денешните времиња.
-Повикани сме да му ја оддадеме должната почест на свети Климент Охридски за неговото големо духовно – просветителско дело со кое нѐ задолжи сите и ни покажа како “на дело“ се станува и духовник и просветител. Како што успеал свети Климент во мисијата на неговото време, повикани сме и ние да се обидеме и да успееме во надминувањето на предизвиците трпеливо и мудро, како што ни доликува, заштитувајќи ги вредностите што не обединуваат како граѓани, како народ и како држава – истакнува премиерот Зоран Заев во честитката.