Дали е време да се размислува за некаква опција за субвенционирање на пензионерите од страна на државата, со што би се покрил дел од трошоците за сместување во домовите, но и за поголема иницијативност на институциите за изградба на вакви домови за згрижување стари лица. Пензионерските здруженија велат дека на луѓето од третата доба секогаш им е потребна дополнителна помош, а во овој динамичен свет семејствата не можат и немаат време секогаш да бидат постојано со оние стари лица на кои им е потребна нега. Затоа, според нив, државата треба сериозно да му се посвети на овој проблем
Многу од семејствата во Македонија имаат сериозен проблем кога станува збор за сместување на старите лица во пензионерските или во старечките домови. Ниските пензии не им овозможуваат на пензионерите да покријат ниту 50 отсто од трошоците за месечно сместување во тие установи. Од друга страната, ретко кое семејство може да си дозволи за еден месец да издвои околу 30 илјади денари, па и повеќе, за сместување член од своето потесно семејство кому му е потребна секојдневна грижа од друго лице. Македонија има мал капацитет на старечки домови и повеќето од нив се во приватна сопственост, што е уште еден проблем што го отежнува функционирањето.
Дали е време да се размислува за некаква опција за субвенционирање на пензионерите од страна на државата, со што би се покрил дел од трошоците за сместување во домовите, но и за поголема иницијативност на институциите за изградба на вакви домови за згрижување стари лица.
Пензионерските здруженија велат дека на луѓето од третата доба секогаш им е потребна дополнителна помош, а во овој динамичен свет, семејствата не можат и немаат време секогаш да бидат постојано со оние стари лица на кои им е потребна нега. Затоа, според нив, државата треба сериозно да му се посвети на овој проблем.
Пензионерите велат дека капацитетите во државните домови се мали, а условите не се на високо ниво. Цената за престој таму за еден месец се движи околу 12 илјади денари, додека, пак, во приватните домови, иако капацитетите се ограничени, условите се подобри, но со тоа и цените се речиси двојно и тројно повисоки и се движат од 25 до 35 илјади денари.
Станка Трајкова, претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија (СЗПМ), вели дека социјалното домување на старите лица е едно од круцијалните прашања со кои се занимава сојузот и кое е присутно во нивната програма. Во земјата има околу 320 илјади пензионери, а околу 75 илјади од нив припаѓаат во категорија примачи на најниски пензии.
– Формирана е комисија во рамките на сојузот, која ќе работи и ќе се залага за подобрување на условите за домување во пензионерските домови, за стандардот на пензионерите, особено во насока за подобрување на условите за живеење на најранливата категорија пензионери, со најниски пензии и без приходи за живот. Сево ова е во насока да се обезбеди достоинствен живот за пензионерите. Капацитетите во домовите се полни, цените се високи, па затоа и на последната работна средба со Мила Царовска, министерката за труд и социјална политика, разговаравме за овие проблеми. Бараме субвенционирање од државата на оние пензионери што се со ниски пензии и не можат да бидат сместени во приватните домови. На тој начин ќе се ублажи проблемот, додека да се изградат нови домови. Тука е и локалната самоуправа, која треба да се заложи за овој проблем – објаснува Трајкова.
Тодор Терзиев, управител на приватната установа за згрижување на стари лица „Хармонија“, вели дека капацитетите на државните и на приватните домови за стари лица во земјава се полни и дека е потребно нивно зголемување во интерес на пензионерите.
– Располагаме со 31 легло, а имаме побарувачка за околу 80 легла. Цената за згрижување на еден корисник се движи од 28 илјади до 36 илјади денари и таа се формира во зависност од тоа колкава медицинска грижа е потребна за едно старо лице. Во најголем процент нашите корисници се лица на кои им е потребна нега од друго лице, која ја даваме 24 часа во текот на денот. Износот на пензиите на многумина од нашите корисници не е доволен да се покрие целата сума на трошокот за нивното сместување во текот на месецот, па затоа тоа го прават нивните деца. Нашите корисници во најголем дел имаат деца што живеат и работат надвор од државата и ние сме единственото решение за грижа на нивните родители – посочува Терзиев.
Според него, државата треба да најде начин за субвенционирање на пензионерите што немаат високи пензии, за и тие да можат да се сместат во приватните домови.
– Не можеме да ја намалиме цената за сместување на старите лица, зашто така нема да можеме да опстанеме. Имаме медицински персонал, физиотерапевти, а и на секое лице му е потребна посебна нега. Државата треба посебно да се осврне кон решавање на ова прашање за старите лица, особено зашто младите се иселуваат, населението старее, остануваат старите лица, за кои најчесто нема кој да се грижи – додава Терзиев.
Од Министерството за труд и социјална политика велат дека како јавни општински установи за социјална заштита на стари лица се регистрирани пет установи за стари лица со вкупен капацитет од 624 легла. Тоа се ЈОУ „Сју Рајдер“ – Битола со 150 легла, ЈОУ „Зафир Сајто“ – Куманово со 197 легла, ЈОУ „Киро Крстески Платник“ – Прилеп со 151 легло, ЈОУ „Д-р Иван Влашки“ – Берово со 15 легла и одделот „Мајка Тереза“ – Скопје со 111 легла. Приватни установи за социјална заштита има 28, со вкупен капацитет од 1.051 легло -посочуваат од ресорното министерство.
Оттаму нагласуваат дека цената за сместување во државните домови за стари лица ја утврдуваат советите на општините, додека во приватните установи цената ја утврдува менаџментот според конкуренцијата на пазарот.
– Просечните трошоци на услугата на јавните установи за социјална заштита изнесуваат 12.607 денари. Просечната цена во приватните домови за самостојни, здрави корисници изнесува 27.668 денари, додека за неподвижни, зависни корисници просечната цена е 30.143 денари. Министерството за труд и социјална политика ги финализира проектите за нови домови за стари лица и во наредниот период ќе почне со инвестирање – додаваат од МТСП.
Изградба на старечки домови предмет на злоупотреба
Последниот случај „Рекет“, кој ја бранува македонската јавност повеќе од еден месец, а во кој се осомничени Бојан Јовановски и Зоран Милески, индиректно е поврзан со невладината организација што требало да биде логистика за изградба на домови за стари лица. Овој случај покажува колку ова прашање може да биде предмет на злоупотреба, поради малиот број старечки домови во земјава, и да биде претставувано преку некакви хуманитарни активности за помош на старите лица.
Број на установи за згрижување стари лица
Државни старечки домови 5
Приватни старечки домови 28
Месечна цена за сместување во домови за стари лица
Државни старечки домови Приватни старечки домови
над 12 илјади денари од 25 до 35 илјади денари