По 113 години црковниот храм „Свети Петар и Павле“ во Кичево, Велики петок ќе го пречека без верници, а причина е коронавирусот кој зема се поголем замав во земјава, како и поради мерките на Владата. Во текот на претпладнето помал број граѓани го посетија црковниот храм, се помолија за здравје, некои примија причест, запалија свеќи и оставија црвени јајца пред иконата на синот божји.
Но традицијата вечерта за Велики петок голем број граѓани да го посетат црковниот храм и подолг период да престојуваат во и околу црквата, овојпат нема да се случи, бидејќи поради полицискиот час, кој стапува во сила од 16 часот, ќе се оневозможи масовно собирање.
Граѓаните кои со децении биле дел од ова одбележувања, годинава Велики петок ќе го прослават во своите домови.
– Полни 60 години за Велики петок задолжително го посетувавме црковниот храм „Свети Петар и Павле“, каде палиме свеќи, носиме вапсани јајца и се дружиме со сите верници кои во голем број ја посетуваат црквата. Она што требаше да се случи во храмот, годинава ќе го спроведеме во домашни услови, каде задолжително поседуваме осветена икона на домашната слава која ја одбележуваме и, така сите заедно со посна трпеза ќе го одбележиме Велики петок а потоа и Велигден. Нема да бидеме единствените кои на овој начин ќе го одбележат Велигден, бидејќи на идентичен начин верниците ќе го одбележат Воскресението на Исус Хрстос – вели Петар.Т.
З.А.