Кога пред повеќе од 12 години битолскиот актер Петар Милошевски се најде на Кралската централна школа за говор и драма во Лондон, вели бил многу исплашен. Тогаш, како што вели, бил исплашен дали ќе успее да ја преживее „улогата“ што сам си ја додели, да учи и глуми во градот кој создава театар.

– Не се снајдов, туку уште се обидувам да се снајдам. Ова е постојан, долг, и незавршен пат. Постојано сте во потрага. Мојот професор на академијата секогаш ни велеше дека нашата професија е на долги патеки. Сега мислам дека бил и малку мек. Патот на глумецот е исклучително трнлив и многу често мора да поминете низ најтешки моменти за да стигнете до некој успех. Тоа е само привидно и моментно, затоа што наскоро
започнувате повторно. Во оваа професија постојано допирате во најдлабоките предели на сопственото постоење и потребно да се изгради одбранбен механизам, затоа што надворешните влијанија не се особено и секогаш наклонети кон вас. Театарската индустрија е бескрупулозна и мора да сте исклучително прагматичен за да се вклопите во дадените околности – ни одговори Милошевски на прашањето дали се снајде во Лондон.

Деновиве, битолчанецот кој својот животен пат го гради на штиците што значат живот во Лондон, повторно е исплашен. Овој пат тој не е исплашен за својата актерска кариера која и на негово пријатно изненадување е мошне успешна. Тој сега, е исплашен за своето здравје, за својот живот. Во неодамнешниот разговор тој ни кажа како се справува со ситуацијата предизвикана од пандемијата на коронавирус.

– Кога сето ова еден ден ќе помине, надевајќи се дека ќе се извлечеме безбедно, сите наши искуства ќе бидат исклучително лични и секој ќе има да раскаже своја сопствена животна приказна. Имам чувство како повеќе од месец дена да сум на долг летен одмор. Но, тоа е единствено, затоа што од самиот почеток на овдешниот „локдаун“ досега во Лондон уживаме секојдневно во најпрекрасното сончево и топло време. Толку константно убаво и топло време речиси не сме имале другпат ниту во јули и август, а не се ни сеќавам кога последен пат сме имале ваква пролет. Нема ништо попрекрасно од тоа да ги шетате лондонските паркови, во кои, некои од нив слободно може да се изгубите во нивната грандиозност, да уживате во бескрајното градско зеленило кое овде го има во претек – вели Петар.

Тој ни посочи и какви мерки се преземаат во Лондон.

– Овдешните мерки за разлика од кај нас, каде што се применува карантин, одредуваат слободно шетање, џогирање, возење велосипед и останати рекреативни активности на индивидуалци, но не повеќе од двајца, освен ако не се членови на исто домаќинство.
Како актер и човек на театарот – свет кој што прв беше на удар да остане зад затворени врати, наеднаш се најдов во ситуација да треба да го преиспитам сопственото значење и должност во овој нов свет, кој одненадеж нѐ само мене, туку убеден сум дека сите не затекна. Прекрасно е тоа што уметниците во карантин веднаш се мобилизираа и почнаа да ги преоткриваат начините како да стасаат до својата публика. Но, скоро некој спомена дека ова може да е маратон, и како во секој маратон, многу е битно да не удрите на спринт уште од самиот почеток – можеби многу повеќе сили и инспирација ќе ни требаат за подолг период кој што допрва ќе треба да дојде. Во меѓувреме, секој се обидува да не полуди. За ја одржам сопствената физичка и умствена рамнотежа, практикувам домашен аеробик и јога, немам можност моментно да пливам како претходно, но трчам по 16 километри барем три пати во неделата. Многу повеќе километри трошам на мисли за да ја преоткријам смислата на сето ова. И знаејќи дека сеуште се наоѓаме во период, во кој што речиси сѐ е сведено на претпоставка, се враќам на лична утеха, читајќи добра книга, есеј, статија, гледајќи филм – воопшто, нешто убаво кое барем малку ќе ве одржи во баланс. Во меѓувреме, се создаде „новото нормално“ наше однесување. Осамнаа знаците на влезот на сите паркови за два метра растојание, на исто толкаво растојание се редите на опашка пред продавница и го чекате својот ред за купување, преминувате на другата страна кога некој ќе ви пријде од спротивна страна на ионака пустата улица. Новото „нормално“ живеење
значи секој четврток во 20 да излегувате и од вашиот балкон, или прозорец еднодушно да аплаудирате со остатокот од државата во поддршка на нашите доктори и сестри – нашите моментални херои! Новото „нормално“ однесување значи после тоа повторно да влезете внатре во вашиот дом, доколку навистина имате среќа да имате таков – вели Милошевски.

Важно прашање претставува и финансиската егзистенција во периодот кога не настапува.

– Иако финансиски потпомогнати преку владини мерки имаме можност да крпиме моментно, стравот од економски колапс – личен и општествен, како да е многу пореално загрижувачки од самиот вирус. Но, ова е општество во кое што луѓето се обидуваат да придонесат за одржување на општото добро и вземната доверба и спокојство. За многу краток период секој ги научи новите вонредни правила на дејствување и истите се практикуваат речиси беспрекорно. Ќе поминат уште многу месеци додека имаме можност да се вратиме во нашите театри, нашите музеи и галерии и концертни сали. Барем во Британија сѐ ќе биде официјално затворено до 30 јуни, а и прашање е кога после тоа културниот живот ќе има прилика повторно да закрепне. Тоа што сега посебно тешко ми паѓа, е што нашите семејства се предалеку и не се знае кога повторно ќе ги видиме, а нашите пријатели, и колеги кои се можеби поблиску, повторно не можеме да ги видиме, бидејки нема ниту една лична средба со никого. И додека чекаме и се надеваме на враќање кон нашиот претходен „нормален живот“, јас би посакал истиот да го заборавиме колку е можно повеќе. Да, посакувам да ги извлечеме најдобрите работи од истиот, но се надевам да зачекориме во еден нов свет – потолерантен, поправеден, побалансиран. Единствено така ќе бидеме сигурни дека сме извлекле некаква поука, сме го отфрлиле изветвениот, истоштен, на моменти грозен и погубен „нормален“ стар свет и сме биле храбри да направиме вистински смели
чекори кон новото време. Затоа што ќе ни треба, за да бидеме подобри и поодговорни и како граѓани и како општества, како работници кои што ќе создаваат уште подобри, покреативни и повистински дела – заклучува Милошевски.