Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен изјави дека политичарите го потцениле степенот на опасноста, која ја претставува епидемијата на новиот коронавирус.

– Мислам дека сите ние кои не сме експерти на почетокот го потценивме коронавирусот – порача Лејен во интервју, кое денеска е објавено во германскиот дневник „Билд“.

Таа рекла дека функционерите сфатиле дека сега треба да ги преземат сите оние мерки кои пред две или три недели изгледале драстични.

– Европа во овој момент е епицентар на кризата – додала претседателката на ЕК.

Таа вели дека кога зборува за вирусот не би го употребила терминот војна, но дека коронавирусот е загрижувачки противник.

Лидерите на ЕУ се договорија синоќа веднаш да го забранат влезот на речиси сите странци на најмалку 30 дена со цел сузбивање на ширењето на коронавирусот.


Курц: Европа покажа дека нема солидарност кога заканата станува сериозна

Австрискиот канцелар Себастијан Курц оцени дека последиците од коронавирусот ќе се чувствуваат многу месеци и по борбата со пандемијата и дека светот ќе изгледа сосема поинаку поради овие настани.

Тој го критикуваше недостигот на соработка меѓу државите.

– Гледаме дека во Европа нема солидарност кога заканата станува сериозна и тоа ќе доведе до многу дискусии по кризата – смета Курц.

– Вирусот ќе има долгорочен ефект врз тоа како се однесуваме едни со други и како живееме, колку сме претпазливи. Исто така, и ефектите на глобализацијата ќе се анализираат се повеќе – рече тој.

Курц во интервју за „Кроне.тв“ рече дека ќе биде потребно „многу, многу долго време“ за Австрија да се врати во нормала.

Објасни дека најмалку четири недели училиштата ќе бидат затворени.

Канцеларот истакна и дека вирусот има неверојатно влијание врз економијата и затоа, треба да се вложат сите напори за поддршка на претприемачите и за обезбедување на работните места.

Тој им се заблагодари на граѓаните на Австрија што ги почитуваат владините мерки. Засега, вели, нема план за понатамошно заострување на мерките.