Пандемијата придонесе да се размисли за воведување на градежни правила и дизајнерски иновации за сите идни градби да бидат во согласност со мерките за контрола на инфекција, со поголем придонес од специјалисти за болести во градежните проекти, кои честопати ја гледаат фазата на дизајнирање како шанса за намалување на трошоците, пишува „Гардијан“.

Експертите за јавно здравје, дизајнери и архитекти велат дека пандемијата на ковид-19, ги откри основните недостатоци во дизајнот на јавните тоалети кои можат да бидат ризични за да се шири втор бран на коронавирус, а можеби дури и нови пандемии.

Некои од предложените иновации вклучуваат поголемо користење на славините на сензори, самочистечки кабини како и дизајнирање на излези за кои не е потребен допир со јавни површини.

Застапниците на овие идеи велат дека тие би ја подобриле хигиената со минимизирање на изложеностоста на потенцијално заразени површини, а исто така ќе ја зајакнат довербата на јавноста во чистотата на јавните тоалети, при што некои тврдат дека ефектот дури би бил добар за постпандемиското економско закрепнување.

Светската здравствена организација ги потврди недостатоците на конвенционалниот дизајн на јавни тоалети, дистрибуирајќи совети за безбедно миење на рацете, со кои им препорачуваат на корисниците дека за заштита од вирусот, луѓето треба да користат тоалетна хартија за да ја исклучат чешмата по миењето на рацете.

Еден од водечките луѓе во австралиското здравство, Брендан Марфи, во петокот, во својата изјава за јавноста, предвиде дека „ќе ги мие рацете на нов начин до крајот на животот дури и после овој вирус“, дури и кога земјата започнува да ги ублажува ограничувања .

Питер Колињон, професор за заразни болести и микробиологија на Австралискиот национален универзитет, вели дека површините на чешмите и вратите се проблем во јавните тоалети, особено во однос на вирусите што се покажа дека се присутни во фекална материја.

– Треба да се отворат јавните тоалети со ублажувања на ограничувањата, но колку повеќе тоалети имаме без потреба на контакт и допир толку подобро. Треба да се земат предвид славините што се активираат со сензор – вели Колињон.

Професорот Колињон кој претходно ги советуваше стручните комитети на СЗО, препорачува да се користат средства за дезинфекција за раце по излегување од тоалет, бидејќи миењето раце во јавен тоалет често вклучува допирање на површини како што се чешмите и вратите, што можат да пренесат вируси.

– Време е да размислиме за многу работи, а тоалетите се едни од нив – вели тој.