Ковид-пандемијата претставува најголема закана за менталното здравје од Втората светска војна досега, а влијанието ќе се чувствува со години откако вирусот ќе биде ставен под контрола, вели д-р Адријан Џејмс, водечки психијатар од Велика Британија, пренесува „Гардијан“.

Џејмс, кој е претседател на Кралскиот колеџ за психијатри, тврди дека комбинацијата од боледувањето и смртните случаи настанати од коронавирусот, социјалното оддалечување и економските непогоди ќе имаат долгорочни последици врз менталното здравје на луѓето. 

– Пандемијата ќе има длабоко влијание врз психичкото здравје. Таа веројатно го претставува најголемиот удар врз психичкото здравје од Втората светска војна досега. Треба да се потрудиме оние кои ќе развијат психолошка болест или ќе им се влоши менталното здравје да имаат брз пристап до ефективна поддршка во претстојните години – вели Џејмс. 

Последиците и заканата за менталното здравје беа користени како аргумент во многу земји против наметнувањето изолација или полициски час. Страдањето од тешката болест може да предизвика посттрауматско стресно нарушување. Околу една петтина од луѓето кои биле на механичка вентилација развиле посттрауматско стресно нарушување. Други лица, пак, се справуваат со тешки реакции на тага откако изгубиле свои блиски од вирусот, честопати без можност да се збогуваат лично со нив.

Дури и откако голем дел од популацијата ќе ја прими вакцината и ризикот од вирусот ќе се намали, на многумина ќе им треба помош за да го обноват кругот на пријатели и повторно да се вратат во некој вид нормален живот.

– Многу е лесно да помислиме дека кога ќе биде повторно безбедно за излегување, сите ќе бидеме надвор и повторно ќе биде како пред пандемијата. Но, напротив, ќе биде потребно одредено време додека луѓето да се навикнат на пост-пандемскиот живот и да ги возобноват своите врски и дружби со пријателите – вели Џејмс.