Стратегијата за коронавирус на Шведска помогнала да се шири болеста во другите земји, покажала студијата, објавена во списанието „Еуросурвелианс“ (Eurosurveillance), спроведена од истражувачи од Универзитетот Упсала во Шведска, Норвешкиот институт за јавно здравје и Универзитетот во Сиднеј во Австралија.

„ Шведска беше нето извозник на вирусот Сарс Ков-2 во соседните нордиски земји во првата година од пандемијата“, изјави Џон Петерсон од Универзитетот во Упсала за Шведската телевизија.

Утврдено е дека Шведска вовела премногу слаби мерки за да го запре ширењето на вирусот во раните фази на пандемијата, за разлика од другите скандинавски земји, што резултираше со првичен голем број на инфекции и на крајот доведе до мутација на вирусот, тврдат истражувачите.

Студијата се заснова на анализа на примероци од 71.000 пациенти, што им овозможи на научниците да го анализираат генетското потекло за ширење на вирусот во скандинавската област.

Синџирите на инфекција се формирале во Шведска, пред да ги преминат државните граници во неколку стотици случаи.

„ Нашите резултати покажуваат дека шведската стратегија за порелаксирани мерки имала влијание врз епидемиолошката состојба во земјата, но и во целиот нордиски регион“, наведуваат авторите на студијата.

Сепак, студијата исто така забележува дека Шведска, како и Данска, е транзитна земја. Финска е особено погодена, и покрај строгите ограничувања за патување. Научниците изјавија дека вирусот го донеле Финците, на кои не им бил забранет влезот во Шведска.