Германија се затвора за велигденските празници

Германија ги продолжи рестриктивните мерки до 18 април и ги повикува граѓаните да останат дома пет дена за време на велигденските празници во обид земјата да го спречи третиот бран на пандемијата.

– Ние сме во нова пандемија поради ширењето на новите варијанти на коронавирусот. Имаме суштински нов вирус, се разбира од ист тип, но со сосема различни карактеристики, многу посмртоносен, многу позаразен – рече канцеларката Ангела Меркел.

Според новата одлука, Германија ги продолжува ограничувањата за уште еден месец и воведува некои построги мерки за време на велигденските празници во обид да се запре ширењето на коронавирусот.

Повеќето продавници ќе бидат затворени, а верските служби ќе бидат откажани за велигденскиот викенд од 1 до 5 април.

Собирите, како и рестораните на отворено, ќе бидат забранети од 1 до 5 април, а само продавниците за храна можат да бидат повторно отворени на 3 април.

Покрај тоа, голем број ограничувања што се во сила од крајот на 2020 година, како што се забраната на приватни собири, затворањето на културните објекти и ноќните клубови, се продолжени до 18 април.

„Ситуацијата е сериозна, бројот на случаи експоненцијално расте и креветите на интензивна нега се полнат“, рече канцеларката на прес-конференција по 12-часовните разговори со гувернерите.

Таа рече дека станува збор за експоненцијален раст на епидемијата предизвикан од британскиот вид на вирусот.

Стапката на инфекција во Германија вчера надмина 107,3 ​​случаи на 100.000 жители, со нови 7.700 случаи и 50 смртни случаи.

– Ние сме во трка што побрзо да се вакцинираме – рече канцеларката. Додаде дека ситуацијата ќе биде подобра кога ќе се вакцинираат повеќе луѓе.

Во Германија, само околу девет проценти од населението се вакцинирани со првата доза на вакцината, а четири проценти ги примиле двете дози.