Суспензијата на лекарите кои одбиваат да примат вакцина против коронавирус не е незаконска, пресуди италијанскиот суд во случајот на 10 лекари кои поднесоа тужба поради суспензијата.

Судијата на градот Белуно во Венето, Ања Травија, ја отфрли жалбата на 10 здравствени работници во два геронтолошки центра, кои беа суспендирани во февруари затоа што одбија да примат вакцина, објави „Кориере дел Венето“, пренесува „Гардијан“.

– Ефективноста на вакцината во спречувањето на негативниот развој на болеста предизвикана од коронавирусот е општо позната и драстично ја намалува стапката на смртност кај категориите на население, како што се здравствените работници или штитениците на геронтолошките центри – наведува судијата во своето образложение.