Американскиот претседател, Џо Бајден, во врска со новиот сој коронвирус омикрон рече дека тој претставува причина за загриженост, но не е причина за паника и додаде дека не размислува за какво било поголемо затворање во Соединетите Американски Држави.

Тој повторно ги повика Американците да се вакцинираат целосно и да се вратат маските за лице во затворени простории, на јавни места, со цел да се забави секое ширење на вирусот.

Говорејќи во Белата куќа, Бајден рече дека е неизбежно пристигнувањето на новиот сој во САД, но тој исто така рече дека земјата ги има потребните алатки за заштита на Американците, а тоа се одобрените вакцини.

„Америка ќе се соочи со оваа нова закана исто како што се соочивме со оние што беа пред неа“, рече Бајден.

Тој апелира до приближно 80 милиони невакцинирани Американци на возраст над 5 години да примаат вакцини, а остатокот од земјата да побара дополнителни вакцини шест месеци по нивната втора доза. Ги охрабри сите да се вратат на носење маски за лице во сите затворени јавни простори.

„Оваа варијанта е причина за загриженост, а не причина за паника“, рече Бајден.

Минатата недела тој одлучи да го ограничи патувањето од Јужна Африка и седум други јужноафрикански земји во обид да им даде време на научниците да дознаат повеќе за новата варијанта и да вакцинираат повеќе Американци пред таа да ги погоди САД.

„Ако луѓето се вакцинирани и носат маски, нема потреба да се затвораат“, рече тој.

Бајден рече дека неговата администрација не се штеди во напорите да ги отстрани сите пречки на патот да го зачува американскиот народ безбеден, вклучително и соработката со производителите на лекови.