Фото: С.Н.М.

Откако МОН и Јаким Неделков, претседателот на СОНК, ги усогласија ставовите

Зголемување на платите за 15 проценти од септември и да не се кратат платите за периодот додека траеше штрајкот, е епилогот од преговорите што Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) и Министерството за образование и наука (МОН) ги водеа во изминатите дваесетина дена со посредство на медијатор.

За време на вчерашната неколкучасовна средба во Министерството за образование и наука биле допрецизирани и договорите за колективните договори.

Препораките на медијаторот ќе бидат разгледани од членството на СОНК по што во рок од 10 дена се очекува да биде потпишана спогодба меѓу синдикатот и МОН.

– Сметам дека нашето членство ќе ги прифати овие препораки на помирувачот и дека ова ќе се претопи во спогодба која претходно мора да помине на орган на одлучување и Советот на СОНК ќе ме овласти да потпишам спогодба, изјави вчера претседателот на СОНК Јаким Неделков по состанокот.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири вели дека во образованието ќе има повисоки плати, а и задоволен е што е најдено заедничко прифатливо решение согласно буџетските можности.

– Освен порамнувањето што го имавме претходно со минималната плата, се договоривме за дополнително зголемување на платите за 15 проценти со исплата од септемвриската плата. Мислам дека ова е прифатливо за двете страни согласно буџетските можности во овие времиња кога функционирањето на државата и управувањето со буџетот е отежнато поради економската и здравствената криза – рече Шаќири по средбата.

Премиерот Димитар Ковачевски го поздрави договорот постигнат меѓу Синдикатот за образование, наука и култура и Министерството за образование и наука и апелира до СОНК за брзо и целосно прифаќање на договорените услови.

– Успеавме да постигнеме значаен договор за вработените во образованието и покачување на платите од дури 15 проценти, почнувајќи од септемвриската плата. Ова зголемување на платите е најголемото досега и заедно со досегашните 21 проценти зголемување е историски најголемата поддршка на вработените во образованието. До пред само пет години, максималното зголемување на платите беше 4 проценти, без глобални кризи – напиша синоќа Ковачевски на Фејсбук.

Посочува дека во услови на најголема економска и енергетска криза, покрај процентуалното зголемување, на вработените во образованието, преку колективните договори ќе им се овозможи и усогласување со минималната плата и други придобивки.

Штрајкот во градинките и училиштата почна на 11 април со барање за зголемување на платите од 18,4 проценти. На СОНК му беше понудено зголемување на платите од 10, а потоа и за 12 проценти, но ваквите предлози беа одбиени од страна на членството.
На 28 април, штрајкот беше ставен во мирување откако Синдикатот доби известување од Министерството за труд и социјална политика дека МОН бара мирно решавање на работниот спор со посредство на медијатор. По назначувањето на медијаторот од страна на Министерството за труд и социјална политика почна процесот на помирување меѓу СОНК и МОН кој на истекот на законски утврдениот рок од 20 дена вчера заврши со усогласување на ставовите на двете страни.