Рускиот претседател Владимир Путин најави дека ќе се кандидира за нов претседателски мандат.

Владимир Путин за своите планови го информирал командантот на баталјонот „Спарта“, Артем Жога, во неформална комуникација со учесниците на церемонијата на доделување на орденот „Златна ѕвезда“ на хероите на Русија.

Жога побарал од рускиот лидер да се кандидира за нов мандат, а Путин се согласил и одговорил дека ќе се кандидира на изборите, пренесе „РИА Новости“.

Во четврток, Советот на Федерацијата ги закажа претседателските избори за 17 март 2024 година. Претседателката на Централната изборна комисија Ела Памфилова изјави дека изборите ќе траат три дена – од 15 до 17 март.

Според неа, овој формат веќе станува традиционален за рускиот изборен систем.

Таа потсети дека за безбедност на граѓаните за прв пат е искористено тридневното гласање за време на пандемијата.

Владимир Путин досега четири пати беше избран за претседател на Русија – во 2000, 2004, 2012 и 2018 година. По усвојувањето на амандманот на Уставот, тој доби право да се кандидира на изборите во 2024 година.