Фото: Евгениј Пригожин/принтскрин Твитер

Шефот на руските платеници, Евгениј Пригожин, вчера го објави своето прво видео обраќање по краткиот бунт на крајот на јуни, појавувајќи се на видео веројатно снимено во Африка, кое го објави на каналот „Телеграм“ поврзан со групата „Вагнер“, пренесе „Хина“.

Пригожин можеше да се види како стои во пустинска област во маскирна униформа со пушка во рацете, а подалеку околу него можат да се видат вооружени луѓе на возила.

Во својата објава „Ројтерс“ не го лоцира или потврди датумот на видеото, но коментарите на Пригожин и некои објави на каналите на Провагнер навестуваат дека тоа е снимено во Африка.

– Температурата е плус 50 – се е како што сакаме. „Вагнер“ ја прави Русија уште поголема на сите континенти, а Африка – послободна. Правда и среќа за африканските луѓе, им го отежнуваме животот на ИСИЛ и Ал Каеда и другите бандити – напиша Пригожин покрај видеото.

Тој потоа рече дека „Вагнер“ регрутира луѓе и дека групата „ќе ги исполни поставените задачи“. Со видеото е објавен и телефонски број за оние кои сакаат да се приклучат на групата.

Иднината на „Вагнер“ и Пригожин е нејасна откако тој организираше краток бунт против рускиот одбранбен естаблишмент кон крајот на јуни, а Кремљ рече дека тој и некои други борци кои се бореле во некои од најтешките битки во Украина ќе заминат во Белорусија.

Од бунтот, некои Вагнерци се преселиле во Белорусија и почнале да ја обучуваат војската таму. Во коментарите објавени на крајот на јули, Пригожин исто така рече дека „Вагнер“ е подготвен дополнително да го зголеми своето присуство во Африка.