Фото: принтскрин

Пронајдени се остатоците од туристичката подморница Титан, која беше уништена во имплозија во која загинаа пет лица, како и можните остатоци од телата на патниците и извлечени на брегот за истрага, соопшти американската крајбрежна стража – пренесе „Хина“.

Остатоците од Титан, кој имплодираше на 18 јуни додека се спушташе кон остатоците на Титаник, како и остатоци од телата на патниците, беа пренесени до пристаништето Св. Џонс во Њуфаундленд, Канада, на околу 650 километри северно од местото на несреќата, пренесе „Ројтерс“.

Американските експерти „ќе спроведат и официјална анализа на наводните остатоци од телата на патниците, кои беа внимателно извадени од остатоците на местото на несреќата“, се додава во соопштението на крајбрежната стража.

Се очекува испитувањето на посмртните останки да ги расветли причините за експлозијата на подморницата Титан во која пет лица се упатија кон остатоците од Титаник, кој потона во северниот дел на Атлантикот пред 100 години.

Остатоците од подморницата, која изгубила контакт со бродот околу еден час и 45 минути по почетокот на двочасовното нуркање, биле пронајдени на дното на океанот на 488 метри од потонатиот брод Титаник.

– Нашиот тим успешно ги заврши операциите на море – објави „Пелагик Рисрч Сервис“, компанија за поморски истражувања.

„Пелагик Рисрч Сервис“ обезбеди далечински управувано возило (ROV), „Одисеј 6К“, кое го чешлаше океанското дно на локација на околу 3,8 километри под површината.

Одборот за безбедност на транспортот на Канада работеше заедно со тимови од Соединетите Американски Држави, Франција и Велика Британија, како и приватни компании како Пелагик, за да ги пронајдат остатоците од подморницата.

Компанијата, „Хоризон Маритајм“, го обезбеди бродот „Хоризон Арктик“ кој го влечеше „Одисеј 6К“ во водите над потонатиот брод и ги врати деловите во неговото домашно пристаниште во Сент Џонс.

Канадскиот одбор соопшти дека планира да спроведе безбедносна истрага за „Титан“ и неговиот товарен брод под канадско знаме „полар Принц“. Истражувањето ќе се одвива во три фази: теренска фаза за собирање информации, фаза „испитување и анализа“ и финален извештај.