Фото: Архива / Игор Бансколиев

Домашното производство се намалува, цените скокаат и никој не може да каже до кога ќе има. Неизвесни се и увозните цени на млекото и млечните производи

Во струмичкото село Пиперево, во кое има повеќе од 400 домаќинства, до пред некоја година речиси секоја втора куќа одгледувала крави за млеко. Периодов тоа се прави само во три, а и тие размислуваат дали да продолжат, зашто, како што велат, е неисплатливо. Таква е состојбата во цела држава. Домашното производство на млеко се намалува, цените скокаат и никој не може да каже до кога ќе има, согласни се и прозводителите и преработувачите. Неизвесна е и увозната цена и на овој производ и на млечните продукти. Дали млекото, јогуртот, сирењето и кашкавалот ќе станат деликатес и луксуз?

Ниска откупна цена, нема поволни кредити

Емилија Гуџирова од Пиперево чува 12 молзни крави. Вели дека млекото за преработка го продава за 27 денари литар и добива субвениции од 3,5 денари. Оние за 2021 година уште не ги исплатила државата.

– Воопшто не се исплати да се чуваат крави за млеко. Нашите крави не јадат само луцерка и пченка, купуваме готова крма, а таа не е евтина. Храната поскапува и не ни е исплатливо да произведуваме. Знате по колку се продава литар млеко во продавница, по околу 80 денари. За да имаме сметка за производство треба да ни се плаќа 40 денари за литар. Во нашето село луѓето престануваат со одгледување крави. Порано секоја втора куќа чуваше, а сега сме само три куќи. И ние размислуваме дали да продолжиме – вели Гуџирова.

Ѓорѓе Јанев од Петралинци, село меѓу Струмица и Берово објаснува дека кај него, што се однесува до храната, состојбата е поинаква, зашто голем дел сам произведува, но има друг проблем.

– Моментално литар млеко го продавам за 28 денари литар. Имам 13 молзни крави и 12 женски телиња. Ги хранам со луцерка и јачмен, мое производство, а купувам дохрана, витамини. Но, мене сега ми треба инвестиција за да може телињата да ги одгледам во молзни крави, а за тоа треба година ипол. Така, од сегашните 300 литри производството ќе го зголемам на 500, но мора да имам простор, да го осовременам молзењето, а земјоделците тешко добиваат поволни кредити. Да бевме администрација веројатно ќе беше полесно, ама не сме. Па, интересот не се намалува само поради цената, туку и поради условите – објаснува Јанев.

Двојно поскапена преработка

– Никој не може да каже до кога ќе има млеко.  Има дефицит и се работи на тоа да се зголеми сточниот фонд, а сточарите и од нас да добијаат бенефиции – вели Стојан Прчоски, менаџер за продажба  на компанија за преработка на млеко и производство на млечни производи.

Објаснува дека сточарите ги намалуваат грлата крави зашто им се зголемуваат трошоците  за храна, а се зголемува и цената на горивата.

– Инаку, откупната цена не ја диригираме само ние, таа беше 17 денари за литар, а стаса до 27-30 денари за литар. Кај нас е поскапена преработката. Знаете дека струјата и нафтата се енормно поскапени, а тие се главни двигатели на поскапување на цената на чинење на крајниот производ,  репро материјалите се со двојно повисока цена, меѓу кои и амбалажата –  посочува Прчоски.

Скокаат и увозните цени

Сточниот фонд на крави кои се чуваат за млеко веќе е намален и има тенденции уште да се намалува, вели Филип Фодулов, член на Сојуз на стопански комори, чија фирма увезува млечни производи од Србија. Тој вели дека не може да се претпостави до каде може да оди нивната висина.

– Во Србија ги ништат кравите, храната е се поскапа. Таму откупната цена за литар млеко е 30 денари. Кај нас е околу 26. Килограм кравјо сирење стаса до 380 денари набавна цена, со тенденција дека ќе оди повисоко, бидејки нема млеко. Производството во Србија е паднато за 30 отсто, кубурат со млеко. Набавната цена на кашкавалот од кравјо млеко е 6,8 евра за килограм – вели Радулов.

Тој смета дека ќе растат цените и на млекото и на млечните производи, токму поради недостиг на млеко.

– Ги ништат говедата. Младите немаат интерес за одгледување крави, не скааат да се занимаваат со сточарство, бараат егзистенција надвор за полагоден живот. Решението е повеќе да субвенционира за сточарите да имаат интерес за чување на говедата за да можат со продажбата на млеко да го покријат чувањето – вели Радулов.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

„Гарантираме стабилно обезбедување храна“

Според податоците и евиденцијата за исплата на субвенции кај сточарите на Агенцијата за финасиска поддршка во земјоделството и руралниот развој во просек годишното производство на кравјо млеко се движи околу 140 милиони литри, на овчото млеко околу пет милиони литри и на козјото млеко околу еден милион литри. Исто така бројот на грла добиток за производство на млеко годишно изнесува околу 120.000 грла говеда, 620.000 грла овци и 55.000 грла кози.

Од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) велат дека отворено разговараат со сите земјоделци и сточари преку подсекторските групи за превенирање на секој проблем, како и навремено превземање на мерки за поддршка на сите земјоделци, посебно во услови на криза.

– Наша цел е да го задржиме одржливо и стабилно домашното производство на сите стратешки вашни земјоделски култури и производи. Преку потпишувањето на договорот за снабдување со храна помеѓу трите држави членки на иницијативата Отворен Балкан гарантираме стабилно обезбедвување на храна. Принципот на кои се заснова овој договор е брза, отворена и слободна размена на стоку помеѓу трите држави, за што веќе фунцкионира зелената лента на граничните премини. Тоа би значело дека она што ние како држава го имаме доволно, а им е потребно на Србија и Албанија дека ќе го добијат од нас, и обратно она што нам ни е потребно ќе го добиеме од Србија и Албанија. Веќе работи заедничката комисија која треба да ги утврди сите складишни капацитети за чување на овие стоки пред се на житните култури. На овој начин и преку договорот од „Отворен Балкан“, но и преку мерките кои Владата ги носи за поддршка очекуваме стабилно домашно производство и доволни количини храна за сите граѓани – велат од МЗШВ.

Планирани поголеми субвенции за сточарите

Оттаму велат дека бројките од 2021 година евидентираат намалување од 5 проценти на производство на млеко, но вакви намалувања се белеле во сите земји и во регионот и пошироко. Сметаат дека намалување доаѓа како последица на кризата, претходно со ковид-19, а сега и како последица од војната во Украина.

– Во таа насока веќе трета година министертвото има развојни прогами со кои помагаме и имаме за цел да го задржиме и зголемиме бројот на добиток, пред се на млечните крави. Креирана е мерка за поддршка на сточарите при набавка на високо педигриран добиток, кој дава поголеми количини на млеко, а носи помали трошоци за одржување на сточарите. Оваа година мерката ја искористија и договори се склучени со 103 сточари со вкупна вредност на поддршка од 253 милиони денари, преку кои сточниот фонд е зголемен за нови 3.842 грла високопедигриран добиток. Дополнително со новиот модел за субвенционирање кои беше предложен до Агро-советот и истиот веќе се разгледува на подсекторските групи, предвидуваме зголемување на субвенциите кај сточарите, конкретно зголемување за 30 проценти на субвенциите по грло за крава – објаснуваат од министерството.

Со моделот, објаснуваат од министерството, се предвидува и побрза исплата кон млекопроизводителите за произведено и предадено млеко, на начин што исплатата ќе се врши преку Интервентната програма на месечно ниво.

– Преку сите овие мерки кои МЗШВ ги превзема очекуваме производството да биде стабилизирано и постепено да се зголемува – велат оттаму.

Зошто доцни исплатата на субвениции?

За доцнењето на исплатата на субвенциите за произведеното млеко од министерството велат дека заостанати обврски кон земјоделците се провлекуваат уште од 2015 година, поради „неодговорното работење на некои претходни раководства во министерството“.

– Оваа Влада со ребалансот на буџетот за 2022 обезбеди 2,7 милијарди денари, средства со кои комплетно се расчистуваат сите заостанати обррски кон земјоделците, а се започнува и со авансна исплата на редовните субвенции. Согласно подготвената динамика веќе се реализирани исплатите на субвенциите за за обележани грла говеда до близу 9.700 корисници во висина од 329.512.000 денари, потоа 210 милиони денари финасиска поддршка за презимени пчелни семејства до 5.877 пчелари, 62.201.000 денари кон 1.700 одгледувачи на кози за обележани грла кози, исплата за обележани грла овци  во висина од 682,8 милиони денари кон 2.984 лица и испата на финасиска поддршка за огледани и заклани гоеници во регистрирани кланични капацитети во висина од 150 милиони денари до 136 лица. Истот така извршена е исплата кон производителите на млеко за предадено произведено и предадено млеко за предиод јануари-февруари 2021 година, а следува исплата за произведно и предадено млеко кај регистрирани преработувачки капацитети во период од март до мај 2021 година – велат од МЗШВ.