Фото:Маја Јаневска Илиева

Собранието на денешната 142. седница ги избра замениците министри и дополнителните заменици министри во новата техничка Влада, чиј мандат ќе биде до изборот на новата влада по парламентарните избори закажани на 8 мај.

За дополнителен заменик министер за внатрешни работи од редовите на СДСМ е избран Митко Бојмацалиев, а за заменик министерка во Министерството за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

За дополнителен заменик министер за финансии од редовите на ВМРО-ДПМНЕ е избрана Елена Петрова, за дополнителен заменик-министер за информатичко општество и администрација Стефан Андоновски, а за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.

На седницата беше верификуван и мандатот на Муса Ибраими кој доаѓа на пратеничкото место на Талат Џафери, кој е избран за премиер на техничката Влада.

Претседателот на Собранието на почетокот на седницата констатира дека од страна на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) до Собранието било доставено известување за престанок на мандатот на претседателот и на членовите на Комисијата од следниот месец.