Шефицата на македонската евровизиска делегација, Мери Попова за инцидентот со македонското знаме, што се случи вчера во Торино, Италија, по повод официјалниот старт на „Евровизија 2022“ и претставување на сите учесници, вели дека сè се случило навистина брзо.
– Сè се случи навистина многу брзо. Протоколите и организацијата налагаа по 30 секунди официјално фотографирање за сите евровизиски претставници. Останатиот дел од делегацијата беше тргнат на сосема спротивна страна, зад камерите, со оглед на директниот пренос. Претпоставувам дека во целата еуфорија, кога од Андреа побарале фотографии и без знамето, едноставно не успеала да изреагира поинаку, туку го поттурна знамето по тиркизниот ќилим. Ниту видовме, ниту слушнавме кој го побарал тоа од неа, зошто повторувам бевме далеку од неа. Потоа си го зема и продолжи на средбите и интервјуата со сите други многубројни присутни медиуми. Несаканиот инцидент нема во никој случај да го оценам како „(зло)намерен” од нејзина страна, од причина што за сите овие денови на подготовки во Торино, Андреа секогаш со гордост говори за Македонија, со македонското знаме во преден план. Впрочем, тоа може да се забележи и на бројни фотографии на социјалните мрежи – вели Попова.
Таа смета дека треба да и се прости на моменталната непромисленост, како што вели.
-Од оваа гледна точка, мислам дека треба да и се прости моменталната непромисленост и да и се даде ветер во грб заради влогот во неколку месечната напорна работа и да може да го даде максимумот на 12-ти мај. На крајот, и Андреа е исто така човек, како и секој од нас, кој понекогаш може да погреши – вели Мери Попова.
М.Т.