Илустрација / Фото: Принтскрин/„Ај-ти-ви њуз“

Израелските сили (ИДФ) воспоставија контрола врз палестинската страна на граничниот контролен премин Рафа, што се наоѓа на границата на Појасот Газа со Египет, јавија британските медиуми, повикувајќи се на соопштение на израелското армиско радио.

Портпаролот на граничните власти на Газа изјави за британските медиуми дека контролниот пункт од палестинска страна е затворен поради присуството на израелски тенкови.

Претходно денеска, палестински функционер за безбедност и египетски претставник за американските медиуми изјавија дека израелски тенкови влегле во градот Рафа и се наоѓаат на само 200 метри од преминот.

– Израелски тенкови и сили влегоа во градот Рафа, на југот од Газа, каде стигнаа на околу 200 метри од границата со Египет, изјавија палестински и египетски официјални лица кои побараа да останат анонимни – пренесуваат американските медиуми.

Египетски функционер изјави дека се чини дека станува збор за операција од ограничен обем и дека израелските власти го информирале Египет дека војниците ќе се повлечат по завршувањето на операцијата.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) одбија да ги коментираат наводите, а американските медиуми не можат независно да го одредат опсегот на операцијата.

Информациите доаѓаат еден ден откако Израел нареди евакуација на повеќе од 100.000 Палестинци од Источен Рафа во „безбедна зона“ во близина на градот Кан Јунис.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) претходно соопштија дека изведуваат „целни напади“ против палестинската милитантна група Хамас во источниот дел на Рафа, а палестинските власти соопштија дека во воздушните напади загинале најмалку пет лица.

Израелскиот воен кабинет вчера одлучи да ја спроведе планираната операција во Рафа со цел „да изврши воен притисок врз Хамас“, и покрај претходната изјава на Хамас дека палестинската група се согласила со египетско-катарскиот предлог за прекин на огнот.

Израелскиот кабинет објави дека целта на „операцијата“ во Рафа е да се постигне напредок во ослободувањето на заложниците, како и други воени цели.