Едно скорашно истражување открива дека Северна Кореја можеби располага со најголемите резерви на ретки рудни богатства во светот

Нешенел интерест

Ако ја разгледуваме денешната геополитика, честопати прашањата за енергетските и сличните ресурси играат главна улога во борбата за влијание меѓу светските сили, па така енергијата може да ги поттикне или да ги зголеми актуелните тензии. Денес повеќе не се толку атрактивни традиционалните нафтени наоѓалишта, за разлика од појавата на нови видови на енергија и технологии кои се произведуваат од „ретки руди“ и елементите што ги содржат.

Северна Кореја можеби располага со огромни резерви на ретки елементи, но со оглед на тоа што е изолирана држава, таа сè уште не започнала да ги искористува, што може да го наруши актуелниот светски поредок. Како што Студената војна го подели светот по идеолошка основа, новата борба за ресурси ќе создаде поделби кај оние што имаат и оние што немаат пристап до ретки метали. Поради тоа што цели индустрии се изградени врз основа на ретките метали, нарушувањето во синџирот на снабдување може да има длабоки последици по светот, додека истовремено им отстапува огромна моќ на некои држави.

Ербиум, тулиум, цериум, самариум и литиум се меѓу елементите кои се сметаат за „ретки“. Многу од технолошките напредоци што се реализираа во изминатите неколку децении сочинуваат дел од седумнаесет елементи од периодниот систем.

Значајно е што ретките елементи исто така играат важна улога во индустријата за оружје. Неодиумот се користи во производство на бомби, ласери, радари и сонари, диспрозиумот се користи во системите за ракетно и видео управување, а тербиумот се користи за електрична моторизација. САД се трета држава во светот што располага со вакви резерви кои се наоѓаат во рудникот за ретки руди „Маунтин пас“ во Калифорнија. Рудникот беше водечки светски производител сè до 80-тите години на 20-от век кога Кина влезе на пазарот за руди и речиси создаде светски монопол. Главните фактори за преземањето на пазарот беа достапноста на евтината работна сила и тоа што не беа земени предвид еколошките и работните услови. Во моментов се проценува дека Кина контролира над 95 отсто од производството на ретки минерали во светот, со тоа што располага со околу 55 милиони тони на резерви.

Едно скорашно истражување открива дека Северна Кореја можеби располага со најголемите светски резерви на ретки елементи. Овие резерви денес не можат да се извезуваат поради немањето на значителна побарувачка и наметнатите санкции, бидејќи државата е отсечена од надворешните пазари и нема развиено општество базирано на масовна потрошувачка. Новите проекти денес имаат потреба за попрактични инфраструктури со кои се зголемуваат трошоците за започнување на проекти, растат оперативните трошоци и следствено води до производство на поскапи метали – инвестиција која Северна Кореја не може да си ја дозволи.

Рудникот во Чонџу, Севрна Кореја, располага со речиси 216,2 милиони тони на ретки оксиди што е двојно повеќе од познатите светски резерви. Според монетарната вредност, доколку овие бројки се точни, Јужна Кореја проценува дека вредноста на минералните ресурси на нејзиниот северен сосед се 2.800 милијарди долари. За споредба, БДП на Јужна Кореја изнесува околу 1,530,75 илјади милијарди во 2017 година. Според извештајот на Корпорацијата за корејски ресурси (КОРЕС), Северна Кореја можеби располага со огромни количини на магнезит (шест милијарди тони), графит (две милијарди тони), железна руда (пет милијарди тони) и волфрам (250.000 тони). Државата би можела да стане главен играч во индустријата за ретки елементи, затоа што расте побарувачката за паметни телефони, полупроводници и слични производи. Пјонгјанг порача дека може да искористува до дваесет милиони тони од овие седумнаесет елементи, со тоа што Кина се смета за можен купувач.

Металургијата со ретки метали исто така е од клучно значење за американските, руските и за кинеските оружени системи. За американскиот систем за противвоздушна одбрана (ТХААД) потребни се ретки елементи, како и за руските системи за ракетна одбрана „С-400“ и „С-500“.

Се чини дека ништо не може да го деблокира искористувањето на ретките минерали во Северна Кореја за надворешни цели, освен преку можните меѓународни договори, повлекувањето на санкциите, или во екстремен случај, воената интервенција. Ваквите елементи честопати даваат нови сознанија за геополитичката состојба што ја опкружува Северна Кореја.

Иако Кина сè повеќе се оддалечува од својот претходен сојузник, драстично намалувајќи го увозот на јаглен од Северна Кореја врз основа на „некомпатибилност со нејзините нови стандарди за спречување на загадувањето“, Русија, од друга страна, сè повеќе е заинтересирана за ретките елементи со кои располага државата. Јужнокорејските компании исто така размислуваат за нови економски договори за да ги искористуваат овие ресурси.

Во текот на 1990-тите и 2000-тите години, огромниот енергетски потенцијал на Северна Кореја поттикна неколку јужнокорејски конгломерати, вклучувајќи го и КОРЕС, да инвестираат во рударски проекти кај северниот сосед и притоа го разгледуваа развојот на инфраструктури за да се олесни искористувањето на ретките елементи. Режимот на Ким Јонг-ун нема ниту финансиски средства ниту технолошка експертиза што се неопходни за искористување на овие рудници. КОРЕС заклучи дека Пјонгјанг веќе потпишал вкупно 40 инвестициски договори со странски ентитети, од кои 90 отсто се со Кина и покрај тековните санкции.

Неколку јужнокорејски претставници беа загрижени поради интересот на Пекинг. Според јужнокорејскиот пратеник Парк Јунг-сун, „владата мора брзо да реагира затоа што Кина веќе обезбеди повеќе минерални ресурси во Северна Кореја. Ако Јужна Кореја може да увезува минерални ресурси од Северна Кореја, тогаш може солидно да ги користи неколку децении“. Бидејќи јужнокорејскиот претседател Мун Џае-ин и севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун ги обновија односите, јужнокорејските власти отворено зборуваат за понатамошно проширување на железничкиот инфраструктурен проект што ќе ги поврзува двете држави. Северна Кореја би можела да добие шанса да стане дел од огромниот инфраструктурен синџир на испорака преку „Патот на металите и свилата“- стратешкото партнерство помеѓу Русија и Кина, кое истовремено инвестира во железници, гасоводи и пристаништа паралелни на кинеските, како што се посебните економски зони во Северна и Јужна Кореја (СЕЗ). Тоа се географски обележани области во кои важат посебни регулативи и власт од земјата во која што се наоѓаат, со цел да се привлечат директни странски економски инвестиции кои не можат поинаку да се постигнат. Четири посебни региони во Северна Кореја би можеле да се сметаат за национални приоритети, и тоа Расон, Унџонг, Вонсан и Синиџу. Овие зони, кои имаат разни функции и, наводно, регулативи во корист на странските држави, сигнализираат дека режимот на Ким е подготвен да ги искористува можностите во економската политика. Иако режимот на Ким можеби ги промовира посебните економски зони како клучен дел во неговата стратегија за економски развој, сепак, сè уште треба напорно да се работи за тие да станат целосно функционални.

Првите санкции на ООН врз Северна Кореја датираат уште од 1993 година и не беа продуктивни, затоа што го притиснаа Пјонгјанг уште повеќе во обидот да го уценува светот со своите нуклеарни оружја и ракетни тестови. Северна Кореја, исто така, денес избра предвидлива одбранбена стратегија за да ги зачести нејзините ракетни тестови и за да ја покаже својата решителност, но и одбранбените капацитети во една меѓународна средина која делува непријателски.

Еден излез од оваа криза би било можно де факто признавање на нуклеарниот статус на Северна Кореја, слично како на Индија, Пакистан или на Израел кои се стекнаа со нуклеарни оружја без меѓународно одобрение. Ваквото решение би значело соочување со неуспехот на политиките на нуклеарно неширење, но би можело да му стави крај на ќор-сокакот што го натера Пјонгјанг дополнително да ја развива својата нуклеарна програма и ракетните закани. Еден договор од 1994 година веќе поттикна многу очекувања и надежи за излез од кризата: од Северна Кореја беше побарано да ја повлече нуклеарната програма во замена за енергетска помош од Јужна Кореја, Јапонија, Русија и од САД кои се посветија да изградат две нуклеарни централи што користат обична, лесна вода во Северна Кореја. Ваквиот договор пропадна поради неисполнувањето на обврските на засегнатите страни.

Не е претерување ако се земе предвид дека „уметноста на преговарањето“ исто така важи и за ретките елементи. Ако Вашингтон не е сериозен за ресурсите со ретки елементи во Северна Кореја, тогаш победникот повторно ќе биде Пекинг. Москва исто така може да има корист од загубата на Вашингтон, со оглед на тоа што на Кина ѝ е потребен постојан пристап до енергетски ресурси во Русија и во Централна Азија, како и до руските напредни воени технологии. Кинеските обиди за стекнување со енергија претставуваат значаен предизвик за американската политика. Загатката може да се реши со тоа кој ќе понуди највисока добивка од инвестициите, не само за недвижниот имот, туку и за ретките метали, со тоа што Ким Јонг-ун би можел многу да заработи. Дали Кина може да понуди еднакво добар договор како САД? Дали нов самит ќе даде простор за втора шанса?

Подготвила: Билјана Здравковска