Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека за краток период од половина година Владата успеала да ја консолидира економијата, искажувајќи задоволство од податокот за пораст на Бруто-домашниот производ (БДП) за 3 проценти во третото тримесечје од 2024 година (јули, август и септември).
На прес-конференција посветена на економскиот раст, претседателот на Владата рече дека податоците што ги објави Државниот завод за статистика ги надминал и очекувањата на Владата и прогнозите на Светска банка и посочи дека „во услови на сложени геоекономски и политички случувања, 3 проценти е меѓу најголемите во рамките на ЕУ“.
– Успеавме да ја консолидираме економијата и индикаторите со коишто денеска можеме да излеземе пред македонската јавност во ова тримесечие се едни од најдобрите во Европа. Многу ретко до сега сме имале можност да се пофалиме со економски резултат што ќе биде еден од најдобрите во Европа. Само пет земји членки на ЕУ имаат повисока стапка на раст во третиот квартал, а што се однесува во регионот, помала стапка на раст во третиот квартал имаат две земји членки на ЕУ, тоа се Грција и Бугарија, 2,4 проценти. Романија е во негативно салдо -0,3 проценти, Словенија е 1 процент. Негативни се стапките на раст на Естонија, Австрија, Латвија, Германија итн. Ако се анализираат податоците ревидирани од првите три квартали оваа година, тогаш може да кажеме дека БДП порасна во просек повеќе од 2,6 проценти, што претставува повеќе од предвидувањата на некои од меѓународните институции, мислам дека тоа беше Светка банка, која предвидуваше раст од 1,8 проценти за 2024 година на БДП на македонската економија – рече Мицкоски на прес-конференција во Владата.
Очекува раст сличен и повисок во четвртиот квартал (октомври-ноември-декември) од 2024, со што, рече, би се доближиле на годишно ниво од 3 проценти, „што е многу повеќе од предвидените 1,8 проценти“.