Наменски дизајнираните маички со лајтмотив – индивидуалната енергија како експресија низ теоријата на бои – симболизираа пропусница за пикникот, преку која семејството алкалоидовци и пријателите до денес донираа околу два милиона денара
Десети хуманитарен хепенинг на фармацевтската компанија
„Алкалоид“ АД Скопје ја продолжи хуманата мисија на 10-от по ред донаторски хепенинг по неколкугодишна пауза, која се должеше на пандемиските ограничувања. Хуманитарниот пикник беше спроведен под закрила на Фондацијата „Трајче Мукаетов“, во присуство на вработените, членовите на нивните семејства и нивни пријатели.
– Денеска заокруживме значаен 10. јубилеј на колективна солидарност на собирот, кој прерасна во празник на хуманоста за сите алкалоидовци. Околу три илјади наши колеги и пријатели донираа средства преку Фондацијата „Трајче Мукаетов“, кои ќе бидат наменети за „СОС-детско село“. Со оваа организација почнавме стратегиска соработка во 2022 година за да ги олесниме тековните трошоци за децата под нивна закрила, едукативна поддршка, пристап до професионално советување и слично, зашто секое дете заслужува посреќно и побезгрижно детство – рече Живко Мукаетов, генералниот директор на „Алкалоид“.
Директорката за обезбедување фондови и комуникации на „СОС-детско село“, Силвија Брајовиќ, истакна дека со „Алкалоид“ веќе три години ги поврзува едно прекрасно партнерство, кое ја покажува не само нивната посветеност како компанија туку и искрената грижа за најранливите во нашата заедница – децата без родителска грижа.
– Донацијата претставува продолжување на трета година кумство и поддршка на едно згрижувачко семејство за тековни животни трошоци и развојни потреби на децата, кои добиваат не само материјална помош туку и љубов, сигурност и припадност – вели таа.
Соработката на „Алкалоид“ со македонската гранка на организацијата „СОС-детско село“ почна во 2022 година, кога една од куќите на локалитетот во населбата Ченто беше именувана во „Бекутан куќа“, за која компанијата ги покри трошоците за секојдневното функционирање. Во 2023 година, по повод 45-годишниот јубилеј на брендот „Бекутан“, се издвојуваше одреден процент од продажбите на оваа детска колекција и беа собрани над два милиона денара донирани на оваа организација.
„СОС-детско село“ во моментов се грижи за близу 500 деца и младинци во земјава што се без родителска грижа или се во ризик да ги изгубат своите родители. Организацијата функционира на принципот на донации од индивидуалци, компании, институции и разни форми на партнерства. Секој може да донира, а донираните средства се користат исклучиво за потребите на згрижените деца. Линк за донации: https://sos.org.mk/doniraj-33/. Н.Б.З.