Фото: Влада

Владата најавува антикризни мерки во најкраток рок кои ќе бидат потаргетирани и насочени кон ранливите категории на граѓани и кон стопанството. Во соопштението, што попладнево беше испратено до јавноста, се наведува дека целта е да се заштитат оние на кои им е најпотребна поддршка, да се обезбеди праведна распределба на средствата и да се задржи постепената фискална консолидација.

– Во тој дух и по тој принцип, Владата со новиот ребаланс на буџет, продолжува со силната грижа за граѓаните и во најкраток рок ќе излезе со антикризни мерки кои ќе бидат потаргетирани, како што всушност се и последните препораки на меѓународните финансиски институции – ММФ и Светска Банка, ЕУ и експертската јавност. Ова значи дека истите ќе бидат насочени кон ранливите категории на граѓани и стопанството, кон оние на кои им се најпотребни – се вели во соопштението.

Мерките што ќе следат, како што велат од Владата, се надоврзуваат на очекувањата на меѓународните финансиски институции дека ценовните притисоци на меѓународните пазари во текот на годинава постепено ќе се ублажуваат, за веќе следната година да се стабилизираат.

Од Владата посочуваат дека вкупното влијание на антикризните мерки што беа преземени во изминатиот период е речиси 615 милиони евра. Со овие антикризни мерки, како што велат, сметките на граѓаните се помали за околу 4.000 денари. Владата потсетува дека продолжува и поддршката за компаниите преку субвенционирање на договорна каматна стапка, директно кредитирање преку Развојната банка, бескаматни кредити за обртни средства, користење на гарантниот фонд, кредити за инвестирање во проекти за енергетска ефикасност…

– Со одговорно однесување на сите субјекти, ќе ја надминеме и оваа криза, како што ја надминавме најголемата економска криза предизвикана од пандемијата. Од посебна важност е да не се потклекнува на лажните информации кои предизвикуваат притисок на пазарот и на инфлаторните движења. Дезинформациите, без разлика од кого доаѓаат, вклучително и одредени политички партии, не користат никому, бидејќи само поттикнуваат дополнително продолжување на кризата – се наведува во владиното соопштение.