Во просториите на АД ЕСМ денеска се одржа примопредавање на должноста генерален директор. Новоименуваниот генерален директор Васко Стефанов ја презеде функцијата од досегашниот генерален директор Васко Ковачевски.
Стефанов и Ковачевски си посакале многу успех и ефикасно справување со предизвиците што претстојат.
– Чест ми е што сум именуван за нов генерален директор на АД ЕСМ. Денес имав продуктивна средба со досегашниот генерален директор Васко Ковачевски. ЕСМ ќе продолжи посветено и транспарентно да се подготвува за следната грејна сезона – изјавил генералниот директор Стефанов.
Васко Стефанов е новиот генерален директор на АД ЕСМ, откако досегашниот директор Васко Ковачевски ја депонираше својата оставка. Надзорниот одбор на АД ЕСМ ја констатираше оставката на Васко Ковачевски од должноста член и претседател на Управен одбор, со назив генерален директор, а за нов член и претседател на Управниот одбор и генерален директор на АД ЕСМ, по препорака на Владата, го избра Васко Стефанов, соопштија од АД „Електрани на Македонија“.
Стефанов, на новата позиција доаѓа со претходно искуство од АД Водостопанство и АД Пошти на РСМ, каде што бил генерален директор.