Денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски оствари средба со земјоделците во општина Чешиново Облешево.
На самата средба министерот посочи дека оризот ќе биде под силна поткрепа и заштита.
– Пред неколку месеци на наша иницијатива успеавме да го внесеме оризот како стратешка култура во стоковите резерви, тоа е успех и гаранција за македонските оризопроизводители – потенцираше Трипуновски.
Со земјоделците се разговараше за состојбата со оризопроизводителството, проблемите кои беа присутни изминативе години, но и за овогодинешната реколта.
– Македонскиот ориз нема да остане неоткупен, домашното производство и маката на земјоделците ќе се вреднува. Заврши времето кога се увезуваше ориз од Индија и Пакистан. Го враќаме брендот „македонски ориз“ на својот препознатлив квалитет во регионот – истакна Трипуновски.