Српската вицепремиерка и министерка за рударство и енергетика, Зорана Михајловиќ, вчера изјави дека за енергетската безбедност на Србија е важно да има можност од повеќе снабдувачи со гас, поради што, покрај градбата на гасна интерконекција со Бугарија, Србија забрзано се подготвува за изградба на интерконекција и со Македонија, за што до септември ќе аплицира за средства од ЕУ.
– Не е спорно дека на рускиот гас сигурно ќе сметаме и во иднина, но за нашата земја е многу важно да имаме можност да избираме доставувачи, а тоа ќе го имаме кога ќе ја завршиме гасната интерконекција меѓу Србија и Бугарија. Капацитетот на новиот гасовод е 1,8 милијарда кубни метри, што значи дека почнувајќи од следната зима, Србија може да размислува за добивање најмалку 30 или 40 отсто од своите годишни потреби, кои сега се движат од три до 3,2 милијарди кубни метри и од други извори – рече Михајловиќ.
Тоа, како што истакна таа, би значело Србија да не зависи од тоа што ќе се случи следната година, а од друга страна, дава можност државата да биде транзит-земја за природен гас, како што е транзитна маршрута во транспортот, бидејќи има изградено патишта.
– Наша задача е да изградиме инфраструктура – градиме интерконекција со Бугарија, забрзано се подготвуваме за изградба на интерконекција со Северна Македонија, за што до септември ќе аплицираме за средства од ЕУ, работиме на техничка документација за гасовод со Романија, разговаравме со Босна и Херцеговина, сакаме да го направиме тоа и со Хрватска, и практично да се поврземе со целиот регион – изјави Михајловиќ.