Здравко Савески/ Фото: Архива

Дополнителното зголемување на каматните стапки не се очекува да има ефект како мерка за справување со инфлацијата, бидејќи таа не е предизвикана од фактори на потрошувачката, туку од намалената понуда, според економскиот аналитичар Здравко Савески, кој за „Нова Македонија“ го коментираше неодамнешното покачување на каматните стапки за 0,75 процентни поени од страна на Народната банка. Тој истакнува дека на овој начин, на болеста всушност ѝ се препишува погрешен лек.

Каматната стапка на благајничките записи е на ниво од 4,25 проценти по зголемувањето за 0,75 процентни поени, одлучено од Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, а за ист процент зголемени се и каматните стапки на кредитот преку ноќ, како и расположливите депозити преку ноќ и на седум дена. Ваквите промени се реакција на зголемените ценовни притисоци откако стапката на инфлација достигна 19,8 отсто минатиот месец, што според НБРМ се должи на поскапувањето на одредени прехранбени производи на домашниот пазар.

– Според вообичаената владејачка теорија, во услови кога се зголемува инфлацијата треба да се репресира потрошувачката. Но проблемот со оваа теорија е што инфлацијата не е предизвикана од фактори на потрошувачката, туку од намалената понуда. Во тој случај, со репресирање на потрошувачката, односно со зголемување на каматните стапки нема да се постигне ефект. Но, според владејачката идеологија, како во светот, така и кај нас, на болеста, всушност ѝ се препишува погрешен лек. Веќе имаше неколку зголемувања на каматните стапки годинава, а гледаме дека инфлацијата не се намалува. Затоа треба да се работи на болеста, а не на симптомите – објаснува Савески.

Според Савески, кој е и доктор на политички науки, синдикалец и активист, потребно е да се стави контрола на понудата што зависи од надворешни фактори.

– Мора да се стави контрола на понудата која зависи од надворешни фактори, како што се цената на горивата и на храната. Додека трае војната во Украина, цените на нафтата продолжуваат да растат, па треба да се работи на ставање крај на војната. Би можеле да се замрзнат цените на храната, што е решение со краткорочен ефект. А треба да му се даде приоритет на земјоделството, бидејќи во спротивно, не само што ќе има зголемување на цената на храната, туку може да дојде и до недостиг – заклучува Савески.

Од НБРМ беше посочено дека со промените се задржува континуитетот на затегнување на монетарната политика преку поширок сет монетарни инструменти, како и дека ваквата практика почнала од крајот на минатата година, заради одржување на стабилноста на девизниот курс и на среднорочната ценовна стабилност. М.Ж.