Датумите наведени на сметките за електрична енергија збунија дел од граѓаните. Кај многумина стасале сметки во кои се наведени денови за кои веќе е платена електричната енергија. Во делот каде што стојат датумите кои кажуваат за кој дел од месецот се однесува фактурата што треба да ја платат, стојат денови за кои веќе платиле. Така, ако претпоследната фактура била за период од 14 јуни до 14 јули, на последната пишува дека е за периодот од 9 јули до 15 август. На тој начин излегува дека два пати би требало да платат за пет дена од месецот. Од ЕВН објаснуваат дека нема двојна наплата за дел од месецот, односно дека кога се проверуваат сметките не треба да се гледаат датумите на предната, туку на задната страна на сметката.
– Никогаш до сега не сум забележала вакво преклопување на фактурираниот период. Имам десетгодишна архива од платените сметки за струја и кога проверив немало преклопување. Побарав објаснување од ЕВН, а тие ме убедуваат дека предниот дел од сметката бил само период кога е читано броилото, а дека на задната страна се фактурираните периоди – вели Сања Костова од Скопје.
За сметките што ги збунуваат граѓаните побаравме одговор од ЕВН Хоме.
– Датумите на предната страна на фактурата се всушност датуми на отчитувачката недела на корисникот, односно во која група на отчитувачки период припаѓа корисникот. Додека датумите за реалното фактурирање на потрошувачката се наоѓаат на задната страна на фактурата. Реално отчитаните дати никогаш не се поклопуваат со оние во претходниот месец – објаснуваат од ЕВН.
Оттаму додаваат дека овој податок на прочитана потрошувачка се наоѓа во горниот дел на задната страна, веднаш до ставката „Податоци од броило“.
Од ЕВН велат дека поконкретно, датумите на предната страна биле само од информативен карактер во која отчитувачка група припаѓа корисникот, а на втората страна се наоѓале податоците врз база на кои се прави пресметката на фактурата.
– На задната страна на фактурата, веднаш до ставката „Податоци од броило“ корисниците може да ги најдат точните датуми за кои им е пресметана потрошувачката на електрична енергија. Овие датуми никогаш не се поклопуваат со денови од претходниот месец и со тоа се подразбира дека не постои ни најмала можност да се соочуваат со двојно плаќање – велат од ЕВН потенцирајќи дека нема двојна наплата и нема преклопување на дати на отчитување.