Заклучно со вчерашниот ден, во ЕСМ Снабдување со топлинска енергија склучени се
6.906 договори за снабдување со топлинска енергија со потрошувачите и трендот на префрлување на потрошувачите од претходниот на новиот снабдувач, како заедничка обврска, продолжува и понатаму, информираат од владината прес-служба.
Како што посочуваат од Владата, во следниот период ЕСМ Снабдување, по достава на фактурите за топлинска енергија, до потрошувачите кои сè уште не потпишале договор ќе го достави образецот на Договорот за снабдување со топлинска енергија на нивната адреса, по што истиот ќе треба да го предадат потпишан од нивна страна во пунктовите на ЕСМ Снабдување.
– Во однос на објектите кои немаат греење, информираме дека нивниот број е значајно намален. Во моментот проблеми се детектирани само во 20 објекти, од кои 11 објекти имаат дефекти во внатрешната грејна инсталација, во четири објекти оневозможен е пристап на екипите на компанијата до топлинските станици, а пет објекти немаат електрична енергија во топлинските станици – се вели во соопштението.
Потенцираат дека е потребно заедниците на сопственици и управителите во најкус можен рок да ги отстранат дефектите на внатрешната грејна инсталација, да овозможат непречен пристап на екипите на компанијата до топлинската станица, да обезбедат постојано напојување на топлинската станица со електрична енергија (платени сметки за електрична енергија за топлинската станица и функционална електрична инсталација).
Од Влада додаваат дека времето на задржување на потрошувачите во пунктовите е значајно намалено откако електронскиот образец на Договорот за снабдување со топлинска енергија е поставен на веб страницата на АД ЕСМ и на официјалните канали на социјалните мрежи, со оглед на тоа што документот сега се предава веќе пополнет од нивна страна.