Фото: Маја Јаневска-Илиева

Министерството за финансии ја подготви Фискалната стратегија за период од четири години

Владата на својата последна седница во вторникот ја усвои Фискалната стратегија на РС Македонија за период 2024-2028 година, која ја подготви Министерството за финансии. Клучните неколку точки од стратегискиот четиригодишен план се содржани во четирите столба:

– Продолжување на фискалната консолидација

– Постепено намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг

– Поттикнување на економската активност преку капитални расходи и инфраструктури инвестиции и

– Подобрување на условите за водење бизнис и отворање нови работни места.

Фискалната стратегија е изработена во согласност со новиот Закон за буџети, со кој се утврдени фискални правила, дизајнирани и усогласени со фискалните правила на ЕУ, а со цел фискалната политика да биде одржлива на среден рок. Во неа се содржани среднорочните насоки и цели на фискалната политика, со базични макроекономски проекции, износите за главните категории на проценети приходи и расходи, како и проекциите за буџетскиот дефицит и долгот. Министерот за финансии Фатмир Бесими изјави дека „клучните елементи на среднорочната фискална политика претставуваат редизајнирање на буџетската политика и фискална консолидација, кои се во насока на поддршка на макроекономската стабилност, забрзување на економскиот раст, а со тоа и зајакнување на потенцијалот за раст на домашната економија!“

Кои се очекувањата на Министерството за финансии

Во согласност со Фискалната стратегија, а со надеж за нормализација на глобалните движења, се очекува намалување на инфлациските притисоци и јакнење на економската активност кај нашите главни трговски партнери, што ќе придонесе кон зголемување на надворешната побарувачка и поповолен амбиент за инвестирање. Во таквиот контекст, во наредниот среднорочен, петгодишен период се очекува „забрзување на економскиот раст“. Понатаму, се очекува „фискална консолидација и етапно намалување на буџетскиот дефицит од 4,6 отсто во 2023 година, на 3,4 отсто во 2024 година, 3,0 отсто во 2025 година и 2026 година, 2,8 отсто во 2027 година и да достигне 2,5 отсто во 2028 година“. Според стратегискиот документ, фискалната консолидација се проектира да „продолжи преку поддршката на економијата со инвестиции во инфраструктурни проекти, редизајнирање на структурата на јавните финансии преку зголемено учество на капиталните расходи, како и зајакнување на процесот на планирање, извршување и известување за јавните финансии“. Имено, во документот се истакнува дека фискалната политика останува на обезбедување значително ниво на јавни инвестиции, кои се предуслов за подобрување на економските перспективи, како и подобар живот на граѓаните. Имено, среднорочните фискални проекции имаат „силна развојна компонента, со значајно учество на капиталните расходи со над 5 отсто во БДП на годишно ниво и претставуваат клучни елементи на јавните финансии“. На среден рок капиталните расходи ќе бидат повисоки од буџетскиот дефицит, односно ќе се позајмува само за финансирање на инвестициските проекти! Планираните износи на средства во наредниот период укажуваат на интензивирање на инфраструктурните проекти, односно за инвестициски вложувања за патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството. Реализацијата на капиталните расходи и инфраструктурните проекти во приоритетните области, во согласност со владините политики, се очекува да генерираат позитивни мултипликативни ефекти врз економскиот раст на среден рок и ќе ја забрзаат реалната економска конвергенција кон европските економии.

Во стратегискиот документ се проектира просечна стапка на раст во висина од 5 отсто

Со Фискалната стратегија за Македонија за периодот 2024-2028 година, која ја подготви Министерството за финансии, се очекува зачувувањето на макроекономската стабилност и фискалната одржливост да создадат поповолни услови за динамизирање на економската активност и постигнување просечна стапка на раст од 5 отсто во периодот 2024-2028 година. Приватната потрошувачка се очекува да оствари просечен годишен раст од 3,5 отсто, јавната потрошувачка просечно ќе расте 1 отсто, извозот се очекува да го одржи солидното ниво и има проектиран раст на 8,5 отсто, позитивните движења кај странските инвестиции исто така се очекува да продолжат, како и растот на просечната плата од 6 отсто. Оваа година Министерството за финансии првпат објави план со временски рокови за подготовка на фискалната стратегија на својата веб-страница. Е.Р.